Спасиле куче во Македонија од смрт и го пратиле во Англија на вдомување, таму го евтаназирале

Здружението за заштита на животните „Мали херои“ од Битола, во февруари месец спасиле куче кое било врзано за бандера со жица и оставено да умре. Откако успеале некако да го повратат во живот му нашле вдомувач во Англија и на 5 септември преку професионален транспорт го пратиле кај новите сопственици. Но од таму ги чекало шок откако дознале дека за кратко време време кучето што го пратиле било евтаназирано од новите сопственици.

„Ава беше подготвена за нов живот, далеку од минатото. Нашата радост немаше граници кога ѝ најдовме вдомувачка во Англија, која со нетрпение ја чекаше и со која бевме во комуникација скоро 2 месеци . Ја испративме Ава на 5 септември преку професионален и специјализиран транспорт за миленици - Слагор. После пет дена среќни повици и видеа , во кои Ава се гали со вдомувачката, одеднаш сè се прекина – сите контакти беа блокирани. Веднаш се ангажиравме преку нашата мрежа за поддршка (RBU) да се провери состојбата на лице место, и тогаш ја дознавме трагичната вест – Ава била еутанизирана .

Наводно, "За време на прошетка, Ава се исплашила и станала агресивна кон друго куче . Вдомувачката пробала да ја одвлече од другото куче, при што и самата стекнала повреди од страна на Ава" . Вдомувачката не го следеше протоколот за адаптација според кој на секое спасено куче, како и на Ава, му треба време за да се навикне на новото опкружување, да се опушти и декомпресира“, велат од здружението

Од таму додаваат дека ова е првпат да се соочат со трагедија во сите години на нивната работа и посочуваат дека досега имаат вдомено над 300 животни, кои денес живеат среќно во Англија, Шкотска и Германија.

Од „Мали Херои“ велат дека, секоја апликација која ја добиваат, внимателно се разгледува, а голем дел од апликациите и се одбиваат. Задолжително се прави homecheck, илјадници разговори, проценки, консултации меѓу членовите на здружението, се со цел да бидат 100% сигурни дека кучето ќе биде вдомено кај добар вдомувач. Од здружението посочуват дека ќе преземат правна постапка во Англија против вдомувачот.

„Секој вдомувач потпишува ДОГОВОР ЗА ВДОМУВАЊЕ , во кој е наведено дека при било кој проблем е ДОЛЖЕН ДА ГО ИЗВЕСТИ ЗДРУЖЕНИЕТО. Дури и во случај да не го сака повеќе кучето, имаме наведено 3 опции: да го преземе наш член на лице место, да се смести во локален шелтер или да се врати назад. Ваквата постапка на еутаназија, го прекршува договорот за вдомување и нашето здружение ќе ги искористи правно сите можности за да ја обелодени вистината за Ава и согласно законите во Англија, ќе ги преземеме сите мерки за да ја истераме правдата до крај“, велат од „Мали херои“.