Советот на обвинители расправаше за Јанева, одлука ќе има утре

Советот на обвинители денеска не успеа да донесе одлука за разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева.

Претседателот на Советот, Коле Штерјев рече дека поради обемниот материјал што треба да се разгледа, одлуката ќе биде донесена во четврток.

– Не можеме да донесеме одлука одеднаш, подобро е да ни легне работата. Во четврток во 10 часот продолжуваме со работа – вели Штерјев.

Штерјев изјави дека денешната седница на Советот траела невообичаено долго поради тоа што првпат се соочуваат со една ваква ситуација во која на шеф на Јавно обвинителство му е определена мерка притвор. Не сакаше да открие дали по однос на ова прашање има спротивставени мислења и ставови меѓу членовите на Советот на јавни обвинители.

– Ние денеска, до овој момент дојдовме до состојба во која ги разгледаваме, проучивме, анализиравме сите списи и оценивме дека за денеска тоа е доволно. В четврток во 10 часот продолжуваме со седницата и ќе одлучи Советот, ќе донесе соодветна одлука и истиот ден ќе бидете известени. Таа одлука треба да биде добро изготвена затоа што ќе оди на Собрание и од тие причини не можеме сега во вакви услови, по цел ден работа, да се впуштиме и да носиме одлука одеднаш – рече Штерјев.

Прашан за тоа дали останува на ставот за можноста за вршител на должност, Штерјев рече дека тоа не е негов став и оти така е во законот.

Јанева е во притвор за „Рекет“ заедно со Боки 13 и Зоки Кичеец.