Советот на Град Скопје ќе расправа за ребаланс на буџетот

Советот на Град Скопје денеска на седница ќе го разгледа предлогот за изменување на Буџетот на Град Скопје за 2018 година со кој е предвидена рационализација на трошењето на буџетските средства.

Буџетот за 2018 година, како што информираат од Град Скопје, ќе биде намален вкупно за 27 милиони денари и наместо предвидените 4.254.000.000 денари, со ребалансот се планира да потроши вкупно 4.227.000.000 денари.

Најголемите промени во вкупните предвидени средства се однесуваат на Секторот за комунални работи каде е предвидено зголемување на средствата за 67.150.000 денари, како и секторот за сообраќај каде е предвидено намалување за 104.850.000 денари.

Промени во буџетот има и во секторите за: планирање и уредување на просторот (намалување од 17,39 милиони денари), јавни дејности (намалување од 10,36 милиони денари) и локален економски развој. Незначителни промени има и во секторите за: информатичка технологија и модернизација, животна средина, образование, меѓународна соработка, инспекторат како и БППЗ на Град Скопје.

Во делот на комуналните работи најголемото зголемување се однесува на реконструкција и подигнување на јавно зеленило каде се предвидени дополнителни 40 милиони денари. За расчистување на диви депонии предвидени се дополнителни 5 милиони денари.

Во делот на капитални расходи од областа на урбанизмот предвидени се средства кои претходно не беа предвидени а се однесуваат на изградба на улица „Ленинова“, реконструкција на булевар „Никола Карев“, изградба на улица „Боца Иванова“, изградба, одржување и реконструкција на улица „Брадфордска“, „Македонско косовска бригада“, „Андон Димитров“, „Живко Фирфов“, како и изградба, реконструкција и одржување на мали плоштади.

Во измените на буџетот предвидени се и дополнителни 15,5 милиони денари за основачки влог за новото АД за енергетски дејности со кое граѓаните на Скопје ќе добијат брзо и евтино приклучување на системот на топлинска енергија, како и започнување на процесот на гасификација на Скопје.