Советот на Град Скопје ќе гласа за предлози на граѓаните за подобрување на условите во градот

Три предлози на граѓаните од Скопје утре ќе бидат ставени на гласање пред Советот на Градот, како дел од проектот „МојГрад“ со кој скопјани даваат свои конструктивни предлози за подобрување на условите за живот. Притоа, најгласани предлози се:

-Субвенционирани стерилизации и кастрации на миленици со сопственици и маалски миленици 

-Пристапна инфраструктура за лицата што се движат на тркала

-Пренамена на комплексот фабрики „Купрум“ во студентски град 

Советот на Град Скопје проценува дека овие три предлози се најитни меѓу сите кои биле поднесени преку платформата „МојГрад“.

Овие три проекти, според оригиналната замисла на платформата, сега влегуваат во институционалните процедури, односно преку советничката Драгана Велковска ќе бидат ставени на дневен ред на утрешната седница на Советот на Град Скопје.

Таа заедно со авторот на платформата Горјан Јовановски, двајцата претставници на граѓанската коалиција Зелен хуман град, под чија капа функционира МојГрад, очекуваат градските власти да покажат слух за потребите на скопјани и да ги одобрат трите предлози за подобрување на урбаното живеење во градот.

Платформата „МојГрад“ алатка на проектот „Зелен Хуман Град“ во кој учествуваат дванаесет локални граѓански здруженија, чија цел е во следните месеци оваа алатка да прерасне во масовен виртуелен форум и сервис за решенија на локалните урбани и еколошки проблеми.

Целта на МојГрад е да промовира поинаков начин на одлучување за градските политики, преку враќање на моќта директно во рацете на  жителите на Скопје, наместо кај партиските функционери.