Советот на Град Скопје го изгласа буџетот, тежи 140 милиони евра

По многу турбуленции вчера Советот на Град Скопје со 28 гласа „за“ и два „против“ го изгласа буџетот на Град Скопје за 2025 година, кој изнесува 140 милиони евра. Во врска со овој буџет беа поднесени над 40 амандмани од речиси сите политички партии но откако беше направена координација на претседателот на Советот, Трајко Славески и градоначалничката Данела Арсовска, дел од нив беа самостојно повлечени од предлагачите, а дел се одбиени поради технички неправилности.

Помеѓу последните точки од дневниот ред беше и онаа со која се бараше зголемување на цената на изминат километар на приватните превозници за која истата се усвои. Зголемувањето ќе биде за 20 денари. Приватните превозници минатиот месец протестираа и сосема престанаа да возат барајќи да им се зголеми цената која ЈСП им ја плаќа, поради тоа што таа не е променета од 2015 година и не им ги покрива трошоците за услугата која ја вршат.

Приватните превозници побараа зголемување без да прецизираат за колку, а претходно на средба со советниците на ВМРО-ДПМНЕ договорија зголемувањето да биде 30 денари. Ваквата цена не беше прифатлива за градската администрација, бидејќи била изгласана без никаква пресметка и анализа според законска формула. Во период од две недели беше изработена анализа по која вчера и гласаа советниците.

Овој буџет за 2025 година е последен што сее носи во мандатот на градоначалничката и на актуелниот состав на Советот.