Советниците од општина Центар не гласаа за точката за сопственост на службените таблети

На предлог Јон Фрчкоски, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на општина Центар, точката за пренесување во сопственост на таблети на советниците во мандатниот период  2017-2021 година е вратена на доработка. 

Фрчкоски побара од Секторот за финансии да ја достави точката во соодветна форма за разгледување, онака како што ќе ги изразува сметководствените потреби на општината, без да се ставаат советниците во позиција дека бараат сопственост на амортизираните основни средства, па дури потоа да се разгледува истата. 

„Овој состав на Советот, зборувам во име на нашата советничка група, нема намера да добие во сопственост таблети ниту пак некогаш сме побарале такво нешто. Доколку интенцијата на службите на Општината е попис на основни средства или расходување на основни средства поради нивна амортизираност, службите треба истата да ја преработат во соодветна форма со прилог-материјали во однос на тоа за кои се средства се бара отпис, која е нивната вредност и слично, па дури тогаш да ја разгледуваме и да расправаме по истата. Насловот на точката е сосема несоодветен и поради истото сме прозивани во јавноста изминатиот период во сосема погрешен контекст“, изјави советникот Фрчкоски.

Овој предлог беше поддржан од градоначалникот на Општина Центар.

Оваа точка пред неколку дена „крена голема прашина“ во јавноста бидејќи стануваше збор дали советниците од Општина Центар сами ќе одлучуваат дали службените лаптопи кои се купени со пари од граѓаните ќе си ги задржат, ќе ги донираат или ќе ги остават на Општината.