Совети за живот исполнет со среќа и љубов!

Велат дека најголемата среќа и најголемата тага на овој свет произлегуваат од меѓусебните односи. Човек може да биде многу успешен и моќен, но ако има нездрави односи, тој нема да биде среќен. Здравите човечки односи се најголемото достигнување. Ти бараат работа и посветеност, но и способноста на двајца луѓе да се најдат на средина и да го вложат неопходниот труд.

Ако сте во некој однос или врска, без разлика дали е интимна или платонска, добро би и дошло малку помош, па затоа можеби треба да ги прифатите овие совети.

Излечете ги старите рани со простување

Во секој момент од нашиот живот ние растеме или паѓаме, но тоа е избор, дури како што и вашето физичко здравје е избор, а не судбина. Уметноста на одржување на среќата во животот и односот се темели на балансот помеѓу тоа за коешто се држиме и она кое што го пуштаме. Да, луѓето на коишто им веруваме можат да не повредат. Тоа понекогаш не можеме да го избегнеме, но од нас зависи дали засекогаш ќе се чувствуваме лошо заради тоа или ќе продолжиме со животот. Простувањето е лек. Мораме да го напуштиме она што останало зад нас за да бидеме во состојба да го прифатиме доброто коешто не очекува.

Признајте кога ќе погрешите

Искреното срце е почеток на се она што е добро на овој свет. Најчесните луѓе не се оние кои никогаш не грешат, туку оние кои признаваат кога ќе згрешат, а потоа даваат се од себе за да ја поправат грешката. Искреноста нема секогаш да ви донесе многу пријатели и обожаватели, но секогаш ќе ги задржи правите луѓе во вашиот живот.

Престанете да озборувате и почнете да комуницирате

Еве еден добар совет: Ако нешто не можете да кажете некому во лице, тогаш не го зборувајте тоа ни позади неговиот грб. Како што Еленор Рузвелт еднаш рекла: „Големите умови зборуваат за идеи, просечните зборуваат за настани, а малите зборуваат за другите луѓе.“ Животот е прекраток за да го трошиме на зборување за другите луѓе, трачање и распламтување на неволји кои немаат никаква вредност. Ако не знаете, прашајте. Ако не се согласувате, кажете го тоа. Ако не ви се допаѓа, проговорете. Но, никогаш немојте да ги осудувате и проценувате луѓето зад нивниот грб.

Оставете им простор на другите да донесат сопствени одлуки

Престанете да им судите на другите врз основа на своето минато. Немој да делувате, да им судите и да ги третирате другите луѓе како да ги познавате подобро отколку што тие се познаваат себеси. Тие живеат поинаков живот од вашиот. Нешто што е добро за една личност не значи дека ќе биде добро и за друга личност. Нешто што е лошо за една личност, може да го промени на подобро животот на друга личност. Дозволете им на луѓето самите да ги направат своите грешки и самите да донесат одлуки во својот живот.

Правете ги работите кои ве прават среќни

Ако сакате да разбудите среќа во некој однос, почнете да живеете живот кој вас ве усреќува и потоа со таа среќа осветлете го вашиот однос. Ако сакате да го елиминирате страдањето во вашиот однос, почнете со елиминирање на вашите мрачни и негативни делови, а потоа зрачете со својата позитивност во вашиот однос. Најголемата сила која ја имате во овој живот е сила за сопствена трансформација. Секоја позитивна промена која ја барате во вашиот однос почнува со она што го гледате во огледалото.

Секојдневно, со мали работи, покажувајте ја вашата љубезност кон оние кои ги сакате

Езоп еднаш рекол: „Ниту еден чин на љубезност, без разлика на тоа колку бил мал, никогаш не бил залуден.“ Ништо не е поблиску до вистината. Секогаш бидете и пољубезни отколку што треба. Понекогаш треба да бидете љубезен кон некого, не затоа што е тој добар, туку затоа што сте вие. Пречесто ја потценуваме моќта на допирот, убавите зборови, внимателното слушање, искрениот комплимент или најситниот чин на грижа, а ова се работи кои имаат потенцијал да променат нечиј живот.

Вашата љубов нека биде појака од вашиот страв

Со сакањето никогаш не губите, губите со задржување на љубовта. Ниту еден однос не е невозможен, освен ако одбиете да му дадете шанса. Љубовта значи да дадете некому прилика да ве повреди, верувајќи дека нема да го направи тоа. Без таа доверба, односот не може да преживее. Не можете само да верувате во она од кое што се плашите кај другите, треба да верувате во нивната доверба. Ако сакате некогаш во животот да имате луѓе кои ви веруваат, мора да чувствувате дека и вие можете да им верувате.

Пуштете ги погрешните да си одат

Бидете свесни за својата вредност. Кога своето време го трошите на некој кој не ве почитува, вие предавате дел од своето срце кое никогаш нема да можете да го добиете назад. Сите пропаднати врски и односи болат. Некои луѓе привремено влегуваат во нашиот живот, само за да не научат нешто. Доаѓаат и си одат, ама со себе носат вредни лекции. Сосема е океј тоа што повеќе не  во вашиот живот. Сега имате повеќе време за да се фокусирате на односите кои навистина вредат.

Запамтете, дури и најздравите односи имаат мани. Прифатете го фактот дека секогаш ќе има тешкотии, но се уште можете да се концентрирате на доброто. Наместо постојано да барате знаци за тоа што не функционира, барајте знаци за она што е добро и тоа искористете го како солиден темел на кој ќе го градите останатото.