Совети што ќе ви помогнат да ја „спасите“ кожата во зимски услови

Зимските временски услови влијаат на нашата кожа на неколку начини. Најчест проблем во зимскиот период е сувата кожа. Студениот зимски воздух е со намалена влажност и ги пресушува природните масла во кожата, предизвикувајќи на тој начин таа да не може да ја задржи својата влага и да дехидрира.

Острите зимски ветрови, исто така, предизвикуваат воспаление на кожата со црвенило и ситно лупење. Ова води кон груба, напната кожа со интензивен јадеж кој нѐ тера да ја чешаме, со што дополнително ја иритираме, а таа, пак, реагира со задебелување и распукување и уште помала способност да се регенерира.

Можеби како наједноставно решение ќе ви изгледа да се скриете од студот во топлите домови, но и така нема да постигнете многу. Во зимскиот период затоплувањето на домовите и високата температура го сушат воздухот во просториите, така што, наместо да најде олеснување, нашата кожа страда од дупла доза на ефектот на сушење.

Сепак целата надеж не е изгубена, бидејќи со преземање одредени мерки за заштита, правилна хигиена и нега можеме да успееме да ја одржиме нашата кожа здрава и витална и во зимскиот период. Еве неколку совети:

1. Избегнувајте користење на агресивни средства за чистење на кожата како лосиони кои содржат алкохол и сапун и заменети ги со медицински синдет (сапун), маслена купка или нежно хидратантно млеко за чистење на лице. На тој начин ќе го зачувате природниот липиден филм на кожата кој во зимските денови тешко се одржува.
Исто така избегнувајте го долгото капење со многу топла вода која дополнително ќе ја исуши кожата.

2. Редовно хидрирајте ја кожата користејќи кремови со високо хидрирачки состојки кои ја врзуваат водата како хијалуронската киселина, гликолна киселина или средства на база на масло и богата ноќна витаминска крема која ќе ја регенерира кожата додека спиете. За нега на телото погодни се лосионите со уреа или гликолна киселина кои истовремено ја хидрираат и лесно ја лупат грубата задебелена кожа, а за оние со претерано сува кожа лосионите со омега-масни киселини.

3. Редовно правете кристален пилинг т.е. микродермоабразија, со што ќе ги отстраните насобраните мртви клетки на површината на кожата овозможувајќи и полесно да дише, забрзувајќи ја циркулацијата со што таа подобро ќе се исхранува, а истовремено олеснувајќи го навлегувањето на сите средства кои ги нанесувате со што тие побрзо ќе го покажат својот ефект.

4. Еднаш месечно може на спроведете хемиски пилинг со кој длабински ќе ги прочистите вашите пори, и ќе внесете во кожата супстанции кои ќе стимулираат обнова на клетките и корекција на ситните имперфекции.

5. За сите, а особено за оние со многу сува кожа прекрасен третман кој ќе ја врати свежината на вашето лице е мезотерапијата со која во средниот слој на кожата внесуваме различни супстанции како витамини, минерали, биостимулативни состојки или хијалуронска киселина, од каде таа многу полесно и побрзо ќе ги ресорбира .
6. Не ги заборавајте кремите со висок заштитен фактор особено ако одите на зимување на планина каде сонцето е многу посилно, а зрачењето поголемо како резултат на одбивањето на сончевите зраци од снегот.

7. И, секако, не заборавајте да се облечете топло.

Проблемот со сува кожа во зимскиот период на годината може да се јави кај секој човек на која било возраст. Меѓутоа, додека кај едни лица студот предизвикува само црвени и суви образи, кај оние лица со веќе постоечка друга дерматоза, како на пр. атопичен дерматит, екзем, проријаза, може да дојде до влошување на истата. Во таков случај, најдобро ќе биде да ве прегледа дерматолог, кој во зависност од дијагнозата ќе ви пропише терапија и соодветни медицински продукти за нега.

Убавина и здравје