Совесен граѓанин со потег за почит: Предмалку ги добив резултатите, позитивен сум на КОВИД-19

Како што предмалку информираа од Министерството за здравство во Македонија имаме нови 29 случаи на коронавирусот, а еден од нив е и овој млад скопјанец кој како совесен граѓанин својата состојба ја објави на социјалните мрежи со цел секој кој бил во контакт со него да се самоизолира и да ги заштити останатите. Доколку секој од заболените би постапил вака, веројатно бројот на заболени ќе се намалува со текот на времето.

„Драги роднини и пријатели сакам да ве информирам дека предмалку ги добив резултатите и дека сум позитивен на корона вирусот COVID-19.

Сега за сега сум добар, со некои благи симптоми. Од вторникот сум изолиран во стан во Маџари со надеж дека не сум го пренел вирусот на моите дома. Сакам да апелирам до сите вас сериозно да ја сфатите целава ситуација и на секој можен начин да се заштитите.

Што побавно се шири вирусот толку поголеми ќе бидат шансите за преживување на оние кај кои вирусот ќе предизвика компликации. Најголем проблем со овој подмолен вирус е што најмногу се шири кога немаш никакви симптоми.

Избегнувајте близок контакт со вашите родители и баби и дедовци бидејќи тие се најризична категорија.

Седете си дома, а ако веќе имате потреба да излезете обавезно носете маска и ракавици и одржувајте лична хигиена. Работава не е шала иако многумина ќе го поминат вирусот на нозе, дури нема ни да го осетат, но мора да се забави неговото масовно ширење. Во моментов најтешко ми е што сум сам без моите, но ќе издржиме.“ – пишува овој совесен скопјанец на статусот на социјалните мрежи.