Сотирова Бухова: Завршен инспекцискиот надзор за случајот со родилката – лекарка, постапката понатаму преминува во надлежност на МВР

Завршен е Инспекцискиот надзор поврзан со родилката – лекарка која што се породи на Гинеколошко – акушерската клиника, а која криела контакти. Понатму тој преминува во надлежност на МВР, истакна денеска директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Иринка Сотирова Бухова.

-Во тек на истиот ден кога ја добивме информацијата дека родилката која беше примена на 6.ти на ГАК и која дала лажна изјава потпишана при прием дека немала контакт со лице со респираторни симптоми, ниту пак, дека во семејството има позитивен на корона тест, го завршивме инспекцискиот надзор таму при што се констатираше дека во досието на пациентката недоставува конкретната изјава. Во моментот кога нашите инспектори беа таму, веќе беше повикано МВР, кое мора и може понатаму да го проследува и да го заврши случајот. ДСЗИ нема ингеренции да ги гледа камерите и да испрашува дел од персоналот кој бил на работа во таа смена. Меѓутоа, ДСЗИ ги има изјавите и на менаџерскиот тим и на вработените кои биле присутни при прием и при испис на истата пациентка, рече Сотирова Бухова на новинарско прашање.

Инспекцискиот надзор, додаде таа, продолжил понатаму во Приватната општа болница Ремедика каде што истата пациентка била породена. Таму има изјава во која пациентката наведува дека имала контакт со лице со респираторни симптоми.

-Меѓутоа, во Ремедика како и на ГАК, и покрај неискрените податоци, целиот персонал бил во комплетна лична заштитна и немаше висок ризик по вработените ниту пак по пациентите кои биле во контакт со оваа пациентка. Случајот за нас како ДСЗИ тука завршува и преминува во рацете на МВР, рече Бухова Сотирова.

Запрашана за случајот со три родилки во Гинеколошката болница во Чаир, кои исто криеле контакти, рече, иако не е официјално пријавен, и таму, е направен вонреден инспекциски надзор, а останува МВР да ја продолжи постапката.

-Официјално во Државниот санитарен и здравствен инспекторат случајот со трите родилки кои при приемот во Гинекологија Чаир не кажале дека имале контатки со лица заболени од Ковид  -19 не е пријавен, иако ние сме во секојдневна комуникација со директорот на Болницата. Вакви постапки се речиси секојдневни. Сите доктори се соочуваат со неискреност на дел од пациентите, меѓутоа како што беше постапката за ГАК каде ДСЗИ направи вонреден надзор, го констатира тоа што беше видено, постапката потоа мора да ја продолжи МВР, затоа што ингеренциите на ДСЗИ  се до одреден степен, се понатаму вклучително и за овие три пациентки за кои информираше директорот на Болницата во Чаир, се во ингеренции за МВР, рече Сотирова Бухова.

Случајот, пак, со заболениот чувар во Истражниот Затвор „Скопје“, Сотирова Бухова информира дека е извршен вонреден инспекциски надзор кај матичната лекарка на споменатиот пациент, но се уште не е завршен. Очекуваат уште одредени документи од Мој термин за да може постапката да се комплетира, по што ќе ја информираат јавноста, рече директорката на ДСЗИ, Сотирова Бухова.