
Општина Илинден продолжува со вложувања во развојот на спортската инфраструктура и унапредување на условите за младите, при што денес во спортскиот комплекс „Драго Маневски“ се одржа промоција на нова текбол маса. Воведувањето на текбол, како современа и сè попопуларна спортска дисциплина, отвора нови можности за учениците и младите да ја подобрат својата координација, концентрација и тимска работа, како и да го зајакнат спортскиот дух, информираа денеска од Општина Илинден.
Со оваа инвестиција, СОСУ „Илинден“ станува првото училиште во државата кое располага со ваков тип спортска опрема, што претставува значаен чекор напред во образовно-спортскиот сегмент.
На настанот беа присутни Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, претставници од Јадранската текбол лига, претставници од компанијата Тримакс, директори на општинските училишта, како и голем број ученици и спортски ентузијасти.
„Со реализација на ваквите проекти создаваме современи услови за развој на младите, го поттикнуваме нивниот интерес за спорт и ги насочуваме кон здрав начин на живот. Ќе продолжиме со континуирани вложувања во образованието и спортската инфраструктура, со цел да обезбедиме квалитетна и функционална средина за сите граѓани“, нагласи градоначалникот Георгиевски.
Овој настан е дел од пошироките активности на Општина Илинден насочени кон создавање подобри услови за спорт, рекреација и правилен развој на младите генерации. Локалната самоуправа останува посветена на реализација на проекти кои промовираат здрави животни навики и придонесуваат за градење активна и силна заедница, додаваат од Општина Илинден.