Сопственикот на Беса Транс: Патниците ги сметаме за фамилија, и порано доаѓале на нашите тури

Сопственикот на автопревозникот Беса Транс, Беким Хаџиу, синоќа на Фејсбук им изрази сочувство на семејствата на жртвите од сообраќајката во која 45 граѓани ги загубија животите патувајќи во неговиот автобус, за кој органите обзнанија дека немал извод од лиценца, а не бил евидентиран на границата кога ја напуштил земјата на патувањето за Истанбул.

,,Алах да им даде рај на починатите, а на повредените што поскоро опоравување. Овие зборови ги кажувам со жалење и со повредено срце. Тие беа исто така наше семејство, бидејќи секогаш кога патувавме и патниците ги сметавме за фамилија. Четири дена бевме заедно во Истанбул и забележав дека повеќето и порано доаѓале со нас на тури со нашите автобуси за Истанбул. Овие тестови се од Алах и верувам дека се прифатени од секој верник, неговата волја не може да биде променета ни за минута и бараме од Алах никого да не тестира”, напиша Хаџиу на Фејсбук.