Сопствениците на игротеки со полни раце работа - за роденден подобро ќе си платам, отколку да чистам два дена по дома!

Сите пријатели поканети за првиот роденден, или пак, повикано целото одделение, спремање на кифлички, неколку видови салати, колачи, торта, музика да ги расположи гостите, журка до доцна во ноќта.

Така во минатото се прославуваа родендените. Наредното утро, на домаќините што го организирале роденденот им преостанува да го исчистат целиот неред во својот дом и да се стационираат во кујната за да се измијат чашите и чиниите што се насобрале минатата ноќ.

Сега на родителите им преостанува само да изберат во која игротека ќе го прослават роденденот на своето дете и да ги повикаат дечињата. Во тие домашни прослави во минатото се создаваше многу поголема поврзаност помеѓу роднините и пријателите, додека сега е сосема различно.

Младите парови кои треба да го прослават роденденот на своето дете, или пак, треба да го поканат целото одделение ги немаат маките со чистењето и подготовките на храна, бидејќи сега таа работа за нив ја вршат игротеките. Иако до пред неколку години скоро и да немаше ниту една, сега во секоја скопска населба има по неколку, а сопствениците велат дека се задоволни од заинтересираноста и дека секојдневно се прославуваат родендени. 

- Нашата игротека постои веќе три години и откако започнавме со работа посетеноста и интересот за организација на родендените е огромна, па во текот на една недела имаме повеќе од десетина родендени - вели сопственикот на една скопска игротека.

Во секоја од игротеките понудата е различна во зависност од условите што се нудат, па така во некои е принципот на изнајмување на просторот, додека други нудат целосна организација, како храна, сокови и грицки за дечињата.

Од игротеките велат дека најмалку родендени имаат во текот на летото и дека сезоната на родендени им започнува во септември како и учебната година. Од игротеките посочуваат дека досега се нема случено повреда на некое дете, а во зависност од тоа колку деца ќе присуствуваат на роденденот, се поставуваат вработени кои се грижат за нив. Сопствениците додаваат дека имаат голема одговорност бидејќи се работи за деца, најмногу внимаваат на нивната безбедноста и хигиената, но и покрај сета одговорност, не чувствуваат потешкотии бидејќи работат со љубов.

Родителите се најзадоволни од постоењето на игротеките бидејќи се ослободени од обврските околу роденденот, а и децата се пресреќни бидејќи таму имаат поголем простор и многу играчки.

- Супер што постојат игралните во денешно време бидејќи е многу поубаво да славиш роденден таму отколку дома и потоа да го чистиш нередот што ќе го направат децата, а и возрасните. Децата се пресреќни бидејќи има многу играчки, кловнови за занимација и што е најважно има голем простор за трошење енергија, а сето ова не може да им се дозволи на децата во домашни услови - ни кажа Сандра од населбата Кисела Вода.

Интересно е тоа што и кугланите во Скопје станаа атрактивни за роденденците, каде што се прославуваат родендените со куглање, по некоја пијачка и торта на крајот од вечерта.