Сообраќајната некултура на скопските возачи на дело

Пред неколку дена се возев во градскиот автобус број „9“ кој беше полн со патници, а чиј возач цело време зборуваше по мобилен телефон. Не го испушташе од раце. За среќа, немаше опасни сутуации, но во скопскиот сообраќај тоа лесно можеше да се случи. Не налета на полицијата, но и да налеташе, се знае како тоа кај нас функционира: „мој-твој, овој на оној…“.

Со ваква возачка некултура никој не може да биде безбеден на скопските улици… Oва е случка што ни ја раскажа скопјанецот Саше Серафимовски, и на најдобар начин го илустрира она што се случува на скопските улици. На нив, очигледно, не е само проблем брзото возење, пијаните возачи, непочитување на правилата на возењето туку и се повеќе употребата на мобилни телефони додека се вози.

– Ќе те прегази нема ниту да те види, оти пишува порака на телефон. Еднаш и ми се случи, да го удрат моето возило од позади на семафор, а возачот да ми се извинува бидејки баш морал да одговори на телефон и изгубил внимание, вели Ивана Станковска

Доволно е само да се застане на која и да е скопска улица или булевар за да се видат возачи со телефон во една, а воланот во друга рака: се зборува, се пишуваат пораки, се вртат броеви, се гледа надолу, а не на коловозот… Таквите возачи често и поминуваат покрај полицијата која некои казнува, некои не. Казнувањето е недоволно…

Тоа го потврдуваат и други скопјани со кои разговаравме. Сите велат дека употребата на мобилните телефони зад воланот достигнала загрижувачки размери.

– Знам дека полицијата казнува, но оваа појава е и натаму раширена. Ми се чини дека тоа е и данок на современото живеење. Мислам дека многу од возачите имаат и службени телефони на кои мора да се јават во секое време. И тогаш настанува проблем, наведува скопјанецот Игор Перчинковски.

Едно истражување на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот покажало дека дури 63 отсто од возачите користеле мобилен телефон додека возеле. А тоа значи дека вниманието им било послабо и дека немале целосна контрола врз возилото и со тоа ги загрозувале другите учесници. Не случајно, по неодамнешната автобуска трагедија кај Ласкарци едно од првите прашања во истрагата беше дали возачот ја загубил контролата врз автобусот заради тоа што користел мобилен телефон. Инаку, во нашава земја не постои статистика колку од сообраќајните несреќи се предизвикани од употребата на мобилни телефони. Се знае само дека, во просек, младите возачи до 30 години двапати повеќе користат овие апарати отколку постарите.

Полицијата, дневно санкционира десетина-двесетина скопски возачи. Лани, на пример, заради овој прекршок биле казнети околу 3.700 возачи во цела земја. Казната изнесува 40 евра и впишување на 25 казнени поени во возачка книшка. Во Франција лани е воведена целосна забрана за употреба на мобилни телефони во автомобилите па и тогаш кога се застанува покрај патот за да се одговори на повикот.

– Ова дефинитивно треба стриктно да се казнува бидејки претставува голема опасност и проблем, посебно кога се пишуваат пораки. Јас тоа никогаш не го правам за да не ги загрозам и себе и другите. Дефинитивно и казните треба да бидат поголеми и треба контролите да бидат поригорозни, смета Жарко Атковски.

Полицијата е на потег. Оваа ситуација мора да се поправи. На потег се и возачите, кои мора да се поодговорни.

Снимки од камери како доказ

Граѓанинот Тихомир Јотевски, пак, предлага да се активираат камерите кои постојат на сообраќајниците за да има повеќе санкции.
-На тој начин ќе има јасен доказ дека некој користел мобилен телефон додека возел. Тоа се практикува во европските земји, но, за жал, кај нас камерите не се активни, потенцира Јотевски.

СкопскоЕхо