Сој омикрон: Што е она што ги загрижува лекарите и здравствените власти?

Откако светот се соочи со повеќе соеви на коронавирусот, од кои делта во моментов е најдоминантен и најпренослив, новооткриениот омикрон исто така создава главоболки на лекарите. 

Засега, оваа варијанта не се шири масовно надвор од Африка, иако во Белгија веќе е откриена жена која била на патување во Египет, а која не е ниту вакцинирана против коронавирусот. СЗО на итен состанок разговараше за потенцијалните нови мерки и препораки. 

Многу земји веќе почнаа да воведуваат рестрикции за патници кои се враќаат од африканските земји. 

Најлошо со мутациите е што додека не се заразат „доволен“ број луѓе, не можат ниту да се донесат соодветни заклучоци и се се сведува на претпоставки и шпекулации. 

Омикрон сојот носи научно име Б.1.1.529. Во Јужна Африка постојат повеќе мутации, но токму оваа ги загрижи здравствените власти, бидејќи се развила кај имунокомпромитиран пациент, кој не бил свесен дека е позитивен на ХИВ.

Мутации има и ќе има, но не сите од нив ќе бидат опасни. Тоа е значи дека треба да се игнорираат, но лесно може да се случи лековите и вакцините да не се ефикасни против нив и да треба да се доразвиваат, за да можат да се третираат пациентите. 

Она што со сигурност се знае е дека омикрон сојот е позаразен од сите други кои во моментов се активни и иако ги предизвикува истите симптоми како и другите варијанти, кај повеќето пациенти тие симптоми се поинтензивни и поизразени. 

Од оние информации кои досега се познати, најмногу загрижува лесната преносливост и повисоката отпорност, како и способност да ги заобиколи антителата и да не предизвика имунолошки одговор. Ова особено важи за оние кои веќе прележале, а се потпираат на својот имунитет и не се вакцинираат. 

Иако СЗО апелираше земјите да не реагираат брзоплето, се забележува тренд на рестрикции во повеќе делови од светот, бидејќи здравствениот систем е генерално оптоварен со пациенти кои се заразени со делта или делта плус сој.