Согласноста од родителот не е покритие за училиштата од образовни да се претворат во здравствени институции

По овој викенд, односно од понеделник ќе започне корона скринигот кај учениците кој, се чини, дека не наиде на добар одзив кај родителите и старателите.  Потребна е претходно добиена писмена согласност од страна на родителите или старателите на учениците, а собирањето на вакви согласности за тестирање на учениците во училиштата почна од вчера.  

Од Министерството за здравство вчера ја нагласија важноста родителите да го поддржат тестирањето. 

Дел од родителите кои ги контактиравме велат дека нема да потпишат таква согласнот, особено кога станува збор за тестирање на помали ученици. 

- Моето дете е прваче и мислам дека нема потреба да му земаат брис од нос доколку нема реална причина за тоа, зборувам причина од медицински апект, а не детето да служи за експерименти и тестирања, вели една мајка. 

-Скептични сме со сопругот. Ние имаме двајца ученици и редовно ја следиме нивната здравствена состојба, но сметам дека училиштето не е место за вакви интервенции. Не знаеме какви се тимовите кои ќе земаат брис за ковид тестирањето. Тоа може да биде болно, а не е неопходно, вели друг родител од Скопје. 

-И според кој закон се врши медицинска интервенција врз деца во училишта? Согласноста од родителот не е покритие за училиштата од образовни да се претворат во здравствени институции, гласи став на една скопјанка. 

Има и такви кои сепак ќе се согласат за ковид тестирања во училиштата и ја оценуваат активноста на надлежните како добредојдена. 

Скринингот во училиштата ќе овозможи да се добијат релевантни податоци за можното асимптоматско ширење на вирусот Ковид-19, односно дали истиот се шири низ училиштата и каква е трансмисијата.  

Министерството соопшти дека со скрининг со брзи антигенски тестови ќе бидат опфатени 8.178 ученици во 80 општини и градот Скопје, во рамки на активностите за превентивни тестирања со цел рано детектирање и превенција од Ковид-19 во основните и средни училишта.

Со скринингот за Ковид 19 ќе бидат опфатени 364 основни и 109 средни училишта.