Софија се оградува од скандалот со дипломатската нота: Станува збор за настани од далечното минато

Министерството за надворешни работи на Бугарија негира дека испратило дипломатска нота поврзана со посетата на Бугарија на сопругата и помалиот син на премиерот Христијан Мицкоски.

Во соопштение испратено до бугарските медиуми, од МНР на Бугарија велат дека информациите што деновиве циркулираат во јавноста се однесуваат на вербална нота од 6 јануари годинава и се однесуваат на настани што поминале одамна.

„Во моментов, оваа информација не може да се сфати како основа за заклучоци дека постои непосредна опасност по безбедноста на граѓаните на Бугарија или на друга земја. Министерството за надворешни работи придава големо значење на заштитата на дипломатската кореспонденција и строго се придржува кон утврдените меѓународни правила и практики во оваа област“, ​ велат од Министерството на Бугарија.

Говорејќи за односите со Софија, премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека била објавена дипломатска нота за неколкудневен престој на неговата сопруга и помалиот син во Пампорово, Бугарија, на почетокот на годината.

Рече дека за случајот веќе ги информирал партнерите во НАТО, бидејќи со објавувањето на дипломатската нота, како што кажа, се загрозува безбедноста на неговото семејство.