Сочувство од Мета и Џачка до семејствата на загинатите во автобуската несреќа во Бугарија

Длабоко и искрено сочувство до семејставата на загинатите и брзо закрепнување на повредените изразија албанскиот претседател Илир Мета и министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка.

-Голема болка и длабока тага за трагичната несреќа во која животот го загубија наши сонародници од Северна Македонија. Во овие тешки моменти изразувам искрено и длабоко сочувство до семејствата и властите на соседната земја, а на преживеаните им посакувам брзо и целосно закрепнување, напиша Мета на Фејсбук.

За трагедијата сочувство изрази и министерката Џачка, која на објава на Твитер напиша дека „Албанија е блиску до Северна Македонија во овој тежок момент“.

-Голема болка за 45-те изгубени животи на Албанци од Северна Македонија за време на трагичната несреќа во Бугарија. Најискрено сочувство до семејствата на жртвите и брзо закрепнување на повредените. Албанија е блиску до Северна Македонија и нејзиниот народ во овој тежок момент, пишува Џачка.

Претходно сочувство изрази и премиерот Еди Рама кој на Фејсбук напиша дека „нема зборови за утеха за оваа голема трагедијата“, како и лидерот на опозициската Демократска партија Љуљзим Баша.