Собранието повторно го изгласа Законот за ратификација на договорот со Грција

Собранието на Република Македонија денеска со 69 гласови „за“ и еден воздржан повторно го изгласа Законот за ратификација на Договорот со Грција за спорот за името, откако на 20 јуни истиот беше усвоен, но претседателот на државата го врати без да го потпише.

Опозицијата, за која договорот е капитулантски чин, исто како и минатиот пат, не беше присутна на повторното гласање.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров во обраќањето пред пратениците, се осврна на укажувањата од претседателот Ѓорге Иванов да не го потпише Законот.

Рече дека посебноста на македонскиот идентитет и јазик согласно Спогодбата не се загрозени.

- Конечната спогодба не само што не го загрозува македонскиот идентитет туку и го реафирмира и го зацрвстува како никогаш досега. Во пракса договорот ќе донесе етаблирање на идентитетот и ќе ја надмине вечната борба за јазикот, идентитетот, ќе влеземе во ЕУ, ќе се печатат документи на македонски јазик со македонски превод, рече Димитров.

Тој рече дека по ова гласање, согласно законите, претседателот е должен да го потпише указот. 

Димитров, во забелешките од Иванов дека меѓународни договори потпишува само претседателот на државата, рече дека меѓународни договори во име на Република Македонија може да склучи и Владата на РМ.

Како ислустрација посочи дека според евиденцијата на МНР, од независниоста до денес Собранието ратификувало 897 меѓународни договори, а од нив само пет склучил претседател на РМ. Повика правилно и вистински да се толкува членот 3 за меѓународни договори, кој може да склучува меѓународни договори во името на РМ.

За него е неточна забелешката од претседателот на државата, дека спогодбата шири страв и оти ја доведува Македонија во состојба на потчинетост кон Грција.

Тоа, како што кажа, е целосно правно неиздржано, бидејќи РМ презела обврска да членува во ОН и да ја потпише Времената спогодба од 1995. Додаде дека Спогодбата со Грција отвора врати на земјава за членство кон ЕУ и НАТО и тоа само ја потврдува „нашата независност и нашата држава“. 

- Со преговорите досега Македонија беше во услови на зависност. Спогодбата де факто не извлекува од таа зависност и не носи во услови на независност. Време е да се најдеме на интересите на татковината и сите заедно мора да бидеме сплотени за татковинските интереси, заклучи Димитров.

Пратеникот од Коалицијата предводена од СДСМ Ферид Мухиќ, рече дека денеска нема да гласа против, туку воздржано.

Според него, самиот услов за промена на името и на Уставот е флагрантно кршење на Повелбата на ОН и на меѓународното право, и оти станува збор за преседан, каде што никој досега не барал од една суверена држава промена на име и Устав.

- Ова кршење на повелбата мора да се нотира, гласот на овој народ мора да се слушне и светот мора да знае на што се принудени народот и државата со оваа спогодба, рече Мухиќ.

Според него, со спогодбата „се создава погрешен впечаток дека сме украле нешто туѓо, дека сме фатени во таа кражба и оти со каење го враќаме на вистинскиот сопсветник и тој е подготвен да ни прости“.

Мухиќ ја цитираше германската канцеларка Ангела Меркел, според која, „националното достоинство не може да биде предмет на никаков компромис“.

Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните во трето читање беше единствена точка на дневениот ред на 54. собраниска седница.

Собранието го ратификуваше Договорот за решението за спорот за името на 20 јуни со 69 гласа „за“ и без против и воздржани. Истиот ден тој беше потпишан од страна на Џафери и испратен до Кабинетот на Иванов, кој како што најави го врати законот во предвидениот рок без да го потпише Указот.

Минатата недела во Собранието на РМ беше доставена одлуката на претседателот на државата со која тој информира дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Kонечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните.

Претседателот на Собранието Џафери најави дека по прегласувањето ќе го испрати законот во Службен весник на РМ со еден потпис, а исто така ќе постапи и за Законот за употреба на јазиците, чиј указ Иванов не го потпиша

Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција го потпишаа шефовите на дипломатиите на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас на 17 јуни во Псарадес, на грчката страна на Преспанското Eзеро. На потпишувањето присуствуваа и премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, медијаторот на ОН во спорот со името Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на Светската органзиација Розмари Ди Карло, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ Јоханес Хан.

Според договорот, официјално име на државата ќе биде Република Северна Македонија или Северна Македонија (скратено име).

Со договорот се признава - македонски јазик, дел од група јужнословенски јазици. За државјанство е предвидено: Македонско/граѓанин на Република Северна Македонија - во сите патни документи.

Имплементацијата на договорот ќе се случува етапно. Ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно внатрешни процедури, но доколку која било од страните не го прифати договорот согласно внатрешните процедури тоа ќе значи дека договорот не важи.

Конечниот збор за договорот ќе го имаат македонските граѓани на референдум, најавен за наесен.