
Собранието на Република Македонија демантира дека обезбедува или плаќа приватно здравствено осигурување за пратениците и вработените во собраниската служба.
Од институцијата појаснуваат дека информациите што се појавија во повеќе медиуми се однесуваат на јавна набавка за систематски, односно превентивни здравствени прегледи, а не на приватно здравствено осигурување.
„Собранието на Република Северна Македонија не плаќа и не обезбедува приватно здравствено осигурување за пратениците и за вработените во Собраниската служба“, се наведува во демантот.
Оттаму посочуваат дека согласно Законот за безбедност и здравје при работа, работодавачот е должен најмалку на секои 24 месеци да обезбеди здравствени прегледи за вработените. Оваа обврска важи и за јавниот и за приватниот сектор.
Собранието нагласува дека јавната набавка се однесува на конкретни здравствени и превентивни прегледи во рамките на систематски преглед, а не на набавка на полиси за приватно здравствено осигурување.
Од институцијата додаваат дека ваквите систематски прегледи не се нова практика ниту привилегија, бидејќи слични постапки биле спроведувани и во претходните години.
Собранието очекува информациите за неговото работење и трошењето на буџетските средства да бидат презентирани точно и целосно, со јасно разграничување меѓу фактите и интерпретациите.