Собрани над 3.500 потписи за еден ден на Петицијата за законот против пушењето

Против новите измени на законот се изјаснија и од Министерството за здравство, кои наведуваат дека иако пушењето е личен избор, тоа не е случај кај пасивното пушење.

Петицијата против новите измени за Законот за заштита од пушењето кои предвидуваат во рестораните во кои се служи храна да не биде дозволено пушење, додека сопствениците на кафулињата сами да одлучуваат дали ќе се пуши за само 15 часа ја потпишаа речиси4.000 граѓани.

„Ваков закон не е потребен“, „Бесмислена иницијатива“, „Приоритет нека биде здравјето на граѓаните“, „Сегашниот закон е еден од ретките добри закони“, „Никој нема право на профит по цена на моето здравје“, „Да не се враќаме чекор наназад“… се само дел од коментарите кои граѓаните ги оставаат под потпишаната петиција.

Владата нема став за измените за пушење 

Владата на 19 овој месец на седница требаше да ги разгледува предложените измени и да излезе со став по ова прашање, но одлучиле да немаат мислење и измените ги вратиле во Собранието.

„Владата нa денешната седница одлучи дека нема мислење за предлог-законот за изменување на Законот за заштита од пушењето на предлог на пратеници од Собрание на Република Македонија, и истиот се враќа во собраниска процедура“, пишуваше во соопштението.

Од владата дополнително посочија дека во прв план ќе го стават здравјето на граѓаните, потенцирајќи дека нема да носат избрзани одлуки, без широк граѓански консензус. Најавуваат јавна дебата во која ќе бидат слушнати сите засегнати страни.

Неколку дена потоа, премиерот Зоран Заев во изјава за медиумите најави комплетна либерализација и право на избор по ова прашање.

„Комплетна либерализација и право на избор. Пред сè на угостителските објекти да имаат право да изберат. Ако сакаат пушењето да биде дозволено, тие да го имаат тоа право преку лиценца. Ако сакаат да биде за непушачи, тоа да биде нивен избор. Апсолутно тоа не се однесува таму каде што се служи храна. Работат стручни луѓе, сакаме меѓународна пракса“, рече премиерот Заев.

Министерството за здравство е против законот

Против новите измени на законот се изјаснија и од Министерството за здравство, кои наведуваат дека иако пушењето е личен избор, тоа не е случај кај пасивното пушење.

Од таму велат дека регулирањето на забраната на пушењето во јавни простории и забраната за рекламирање на цигарите во Законот за заштита од пушењето е во рамките на вкупната цел на здравствениот систем,

„При предлагањето на овие измени на Законот за заштита од пушењето, со оглед на тоа што тие се базираат на аргументирањето на законската дефиниција на „простор од затворен карактер“, треба да се имаат предвид прописите од оваа област, во однос на градењето. Нашиот став како Министерство за здравство секогаш бил и останува дека мора да се води сметка за здравјето на популацијата. Штетните последици од пушењето се познат ризик-фактор за здравјето на луѓето и според тоа МЗ не може да промовира либерализација и да поддржува политики кои се штетни за здравјето на луѓето. Пушењето е личен избор, но пасивното пушење не“, категорични се од министерството за здравство.

 Свој став за измените за пушење најавуваат и од здружението на угостители „Хорекаши“.