„Со велосипеди, тротинети и колички ќе одиме по улица“: Граѓанин алармира за сообраќајниот хаос на оваа локација во Ѓорче

Секојдневно непрописно паркирани возила го попречуваат движењето на пешаците и велосипедистите на „островчето“ кај гаражите на ЈСП во Ѓорче Петров. За проблемот реагира граѓанин во Фејсбук групата „Ѕид на сообраќајниот срам“, посочувајќи дека просторот е практично блокиран за оние кои се движат со велосипеди, тротинети или инвалидски и детски колички.

Според него, поради несоодветно паркираните возила, граѓаните се принудени да се движат по улицата, со што дополнително се зголемува ризикот во сообраќајот.

„Ова е секојдневен проблем во Ѓорче, островчето кај гаражите на ЈСП, испопаркирани несоодветно, а ние со велосипеди, тротинети, инвалидски колички, мајки со колички ќе поминуваме на улица и после пак ние ќе сме виновни што возиме по булевари...“, реагира граѓанинот.

Тој апелира до надлежните институции да реагираат и да се најде трајно решение за проблемот.

„Алооо, засрамете се! МВР, реагирајте, нека се реши овој проблем еднаш засекогаш“, се наведува во реакцијата.