Со вечерна богослужба почнува одбележувањето на 1.000 години Бигорски манастир

Свештената Бигорска Обител викендов го одбележува големиот јубилеј 1.000 години од основањето на манастирот што ќе се одржи в недела на 18 октомври.

Поради зголемениот број случаи на заразени од Ковид-19, како и засилените мерки и препораки на Министерството за здравство и на другите здравствени институции, прославата ќе се одвива со строго запазување на предвидениот протокол за заштита, велат од манастирот.

Програмата на 18 октомври, вклучително и светата богослужба, ќе се одвива на отворено, во дворот на манастирот, каде ќе биде поставена монтажна бина, а исто така и два видео-екрани.

Денеска со почеток во 18:00 часот ќе биде отслужена архијерејска Вечерна богослужба, на којашто молитвено ќе претстои надлежен архиереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.

Во недела, на 18 октомври, со почеток во 9:00 часот ќе биде отслужена Божествена архијерејска Литургија, со којашто ќе чиноначалствува Неговото Блаженство, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, во сослужение со своите собраќа од Светиот Синод на МПЦ-ОА.

По завршување на Литургијата, со пригодно слово кон присутните ќе се обрати Архиепископот г. г. Стефан, а после него и покровителот на прославата, Претседателот на државата Стево Пендаровски.

Потоа, од страна на Митрополитот г. Тимотеј и Епископот г. Партениј ќе бидат доделени ордени и благодарници на заслужни поединци и организации, кои дале значителен придонес за благолепието на Бигорски и за неговата евангелско-просветна мисија.