Со уставните измени ќе се стави крај на тезата „еден народ во две држави“, вели Ковачевски

Стратешка цел на Македонија е полноправното членство во ЕУ до 2030 година. Скрининг процесот треба да заврши многу скоро, и ни претстојат политички одлуки со кои ќе се овозможи отворање на кластерите и поглавјата, истакна премиерот Димитар Ковачевски по пристигнувањето во Кишињев каде што придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, ќе учествува на вториот Самит на Европската политичка заедница.

За тоа, како што посочи, вчера во Братислава разговарал со претседателката на Европската комисија Урсусла фон дер Лајен и со францускиот претсдеател Емануел Макрон.

- Претседателката на ЕК, којашто по состанок со мене тоа го сподели на многу експлицитен начин дека сега е времето кога треба да се донесат одлуките за да Македонија го продолжи патот кон евроинтеграцијата и до 2030 година да станеме членка на ЕУ. Исто така имав состанок со претседателот на Франција на кој разговаравме во детали за процесот кој следи, го информирав за тоа дека се започнати уставните измени, практично предлогот на иницијативата е направен од работната група, доставен до Министерството за правда, ќе биде доставен до Владата, кој подоцна ќе оди во Парламент, рече Ковачевски.

Ковачевски кажа дека со уставните измени ќе се ставел крај на тезата дека се работи за еден народ во две држави.

- По јасната и многу силна порака на американскиот сенатор Марфи и амбасадорите во државата, вклучувајќи ја тука и американската амбасадорка, холандскиот амбасадор во делот на интеграцијата на државата, сега сметам дека на сите во нашата држава им е јасно дека прво, имаме предлог преговарачка рамка доставена од 27 земји членки на ЕУ, дека таа преговарачка рамка нема да биде преговарана, бидејќи навистина ги содржи нашите барања кои што ги имавме, а тоа е чист македонски јазик, потврден и со договорот Фронтекс, заштитен македонски идентитет, она што претстои пред нас е една од многуте одлуки до влегување во ЕУ, а тоа е вклучување на други делови од народи во нашиот Устав, вклучително и бугарскиот народ. Со тоа се постигнува уште една многу значајна цел, бидејќи конечно веќе ќе се стави крај на тезата дека се работи за еден народ во две држави, за прв пат ќе имаме во Уставот и Македонци коишто се веќе, меѓутоа тука сега ќе бидат јасно диференцирани и Бугарите со што таа теза веќе еднаш засекогаш ќе заврши и нема да биде тема на разговор, изјави Ковачевски.