Со уништување на мојата среќа нема магично да си го подобриш твојот живот

Во последно време пројдов низ сѐ и сешто и би лажела кога би рекла дека сѐ беше совршено, затоа што не беше така. Имаше глупости и ќе ги има и понатаму.

Но, имаше и убави работи кои со недели оставаат насмевка на моето лице. Голем дел од тие насмевки се должат и на моите патувања, но јас не верувам толку во самата локација, колку во промените во главата. Или срцето, како сакате.

Она што многу ми пречи во последниот период се луѓето кои го скиселуваат секој мој ден, моето време и мојата насмевка. Како им успева тоа? На разни начини. Со коментари кои немаат врска со ништо и кои се само последица на подлост и омраза, со пораки кои имаат за цел да те сопнат и со однесувањето како сѐ во животот да им е тажно и грдо, па мора и на другите да им биде така. И тие скиселуваат се околу себе. И јас некогаш знаев да бидам таква, па баш и затоа знам колку киселост и горчина може да има во тие личности.

Ги знаете тие луѓе. Тоа се оние луѓе кои не се смејат, кои често се груби, незаинтересирани, мразат сѐ, дури и она што знаеш дека некогаш го сакале.

Сите понекогаш сме кисели и тоа е нормално, проблемот е кога таа киселина ја истураме на другите. Како тоа да е решение за нашите проблеми. Сите имаме проблеми на работа, сите сме уморни, исцрпени, ни се случуваат глупости, за жал тоа е животот. На сите, без исклучок, им е така.

Со истурање на сопствената киселина врз оние кои во тој момент, иако можеби само привидно, имаат посреден живот – нема да ги решиш сопствените проблеми. Ќе направиш само привремено да се чувствуваш подобро со тоа што си се обидел некому да му ја намалиш радоста заради некој успех, но подоцна нема да најдеш ништо што ќе може да ја заблажи твојата киселина.

Решението не е во лажната насмевка и наместената среќа. Ако си тажен, биди тажен, но не мора сите околу тебе да бидаттажни. Дај им избор околу тоа како ќе се чувствуваат, не им набивајте вина ако се среќни, додека вие преживувате пекол. И тие имале такви периоди или допро ќе ги имаат, затоа остави ги луѓето што повеќе да уживаат во своите среќни моменти, за да можат да наполнат батерии за битките кои следуваат.

Никој од нас не е имун на лоши моменти, болести, проблеми. Знаејќи го тоа, најмалку што можеме да направиме е да не ги мачиме луѓето со своите фрустрации. Да ги тргнеме и да ги решиме нашите проблеми е нешто што звучи како утопија, затоа што речиси никој не успева во тоа.

И на мене ми треба внимание, уво за слушање, рамо за плачење, но кога ќе забележам дека плукам отров, сфаќам дека претерувам и дека со тоа на никој не му е полесно. Ниту мене, ниту на луѓето околу мене.

Последните неколку дена се смејам на глас. Причина? Има повеќе од една причина, не е ни важно кои се причините, едноставно така се поклопија коцките. И нека биде така, уживам додека трае, полнам батерии за битките кои следуваат и не дозволувам никому да ми го расипе тоа.

Доколку некому пречи мојата насмевка, работите кои ме прават среќна и кои ми се допаѓаат, жал ми е, но ич не ми е гајле. Кој сака да се кисели, нека се кисели, јас повеќе не го сакам тоа, затоа што самата помисла на тоа животот да ми пројде во негативност кон другите и себеси, ми е многу, ама многу тажна. А кој сака да помине цел живот обвиен во тага? Јас сигурно не.

До следниот пат, најди начин како да се неутрализираш себеси, а остави ја околината да биде кисела ако толку им е мерак!