Со ученички билет бесплатно и во приватен автобус!

Бесплатните билети кои им следуваат на учениците и студентите, од 1-ви јануари, ќе важат и на линиите на приватните автобуски превозници. 

Со приклучувањето кон единствениот електронски систем за наплата, билетите кои до сега важеа само за автобусите на ЈСП, од сега ќе важат и во приватните автобуси. Со цел да се информираат патниците, некои од приватните автобуси ќе имаат и налепница на која ќе пишува дека вршат бесплатен превоз со покажување на овој вид на билет. 

Електронскиот валидатор ќе биде поставен на влезот во автобусот и сите билети, студентски, ученички, незионерски, персонализиран или обичен ќе мора да бидат валидирани на истиот при влегувањето во возило. Цените на билетите ќе останат исти, со тоа што истите ќе мора да бидат набавени во електронска форма, односно картичката „Скопска“. 

Продажба на хартиени билети во возило веќе нема да има, што претставува исчекор кон модернизација на системот на наплата како и подобрување на општата безбедност. До сега, возачот на автобусот требаше да води сметка, покрај за возењето, за наплаќањето на билетите и нивно издавање, што потенцијално ја намалува безбедноста на сите патници во автобусот, но и генерално сите учесници на сообраќајот. Со новата електронска наплата патниците сами ќе бидат одговорни за наплатата и валидацијата на својот билет. 

Новиот систем ќе вклучува и ГПС мониторинг, што ќе овозможии попрецизно распоредување на линиите, времето на пристигнување од точка А до точка Б и општо ќе пружи голем број информации кои ќе можат да се искористат во подобрување на јавниот транспорт.