Со трипати помалку екипи работи скопската Брза помош

Со трипати помалку екипи работи скопската Брза помош. Ако стандардите налагаат по 20 лекари, сестри и возачи, службата 194 во главниот град во смена функционира со само 6 до 7 тимови.

Сериозниот недостиг на кадар го пролонгира и времето за интервенирање. Ова предизвикува револт и кај пациентите, но и кај вработените кои според раководството правеле над човечки напори за да стигнат секаде каде има итни случаи.

-Кога имате помалку персонал, нормално дека ќе имате повеќе работа на терен. Може да се случи кога ставрно граѓаните имаат потреба од Брза помош екипите да не се вратат во база. Така да и они се преморени и сметам дека потребни ни се нови вработувања и пациентите би биле позадоволни, изјави д-р Милица Бубало, раководител на Службата за итна медицинска помош Скопје, за Сител. 

За сериозниот недостиг на кадар во Брза помош, менаџментот на Здравствен дом Скопје алармира повеќе од една година, но никако да добијат нови вработувања. Дополнителен проблем е и малиот број од од само 7 функционални возила. Повеќето се дотраени, поправани и со поминати над 400.000 километри. Постои сериозна опасност да откажат на половина пат при транспорт на пациент.

-Тоа се стари поправани возила и никој неможе да предвиде кога ќе откажат, додаде д-р Бубало.

Инаку дневно екипите на Скопската брза помош имаат и до 120 интервенции. Доколку не се подобри состојбата со кадар и возила тимовите нема да можат да одговорат на сите итни повици.