Со страв и огромна внимателност скопјани се движат по замрзнатите тротоари и пешачки патеки

Со страв и огромна внимателност граѓаните се вижат по замрзнатите тротоари и пешачки патеки кои веќе цела седмица им создаваат проблеми. Повеќето се незадоволни од тоа како надлежните се грижат за отсранувањето на мразот и снегот.

„Со страв да ви кажам, го молам господ само да не паднам, лесно се паѓа, тешко се станува, годините си го прават своето, слушаме дека се преполни болниците со скршеници.“

„Негде каде што е чисто добро е каде што не е тешко, рацете во џеб не, бидејќи едно лизгање и доле си.“

Обилните врнежи од снег и подмрзнатите коловози и тротоари ги наполнија болниците. Со повреди или скршеници на екстремитетите во градските болници и Ургентниот клинички центар заклучно до вчера се пријавиле околу осумдесетина лица.

Од градската болница “8-ми Септември” информираа дека до 13 часот преглед побарале 42 граѓани, од кои кај 19-мина имало фрактури на раце или на нозе, но нивните повреди биле санирани без операција. Во Ургентниот клинички центар пак, ни рекоа дека кај нив повеќе се носат повредени од сообраќајни несреќи настанати како последица од излизгување на снегот. Кај нив била донесена една жена од Гевгелија со скршена коленица, но и две деца кај кои биле констатирани набиеници поради паѓање на снег. Во старата градска болница “Св. Наум Охридски”, пак не информираа дека кај нив биле примени 25 граѓани од кои само кај двајца биле констатирани скршеници.