Со смеа против короната, афоризми од Васил Толевски

Во овие тешки денови кога се бориме со опасната пандемија на корона, нашиот најпознат афиристичар и сатиричар Васил Толевски напиша  афоризми  за да не насмеат и да не поттикнат поинаку да размислуваме и да делуваме, ги наслови „Со смеа против корона“.

 Во целиот свет најпрвин доаѓа короната, а потоа економската криза. Само кај нас е обратно, економската криза беше побрза.

 Полесно ќе поминевме со свинскиот грип отколку со короната. Некако, свои сме!

 Не се плашиме од корона вирусот. Толку влади прележавме!

Респираторите ќе ни требаат и после корона вирусот. И сега има луѓе, кои поради малите плата не можат да дишат!

Како во општеството така и кај пандемијата: Секогаш настрадуваат – позитивните.

Заштитните маски не ги измислија медицинарите! Туку – крадците.

Ако коронавирусот  дојдеше порано, Македонија ќе имаше многу повеќе жители. Заради забраната никој не ќе смееше да излезе од земјата.

Сатиричарот не можете да го ставите  во изолација. Нему мислите сами му излегуваат од глава.

Полесно е со Короната отколку со Водачот! За короната кога-тогаш ќе се пронајде лек.

Кај нас стравот од короната е обичен, како и сите останати стравови. И тој ни влегува во коските.

Глобална економија: короната ја произведуваат богатите, а ја трошат сиромашните.

За да ја контролираат короната научниците планираат на луѓето да им вградат чипови под кожата. Ние немаме потреба од тоа, нас партиите не чипираа во главите.

 Во борбата против короната морате да го следите модниот стил на крадците! Заради отисоци носете гумени ракавици, а за да го заштитите идентитетот ставете маска на лицето.

Корона вирусот има нозе! Инаку, како побегнал од некоја лабораторија?!

 Овај корона вирус е страшно љубопитно суштество. Тоа би сакало да се запозна со секој човек  на планетава.

Кога би барале од каде потекнува вирусот на неодговорност, нашата Влада би можела да ја наречеме -Вухан!

Затворени во своите кафези увидовме како им е на животните. Разлика е само што тие немаат брашно и квасац.

Докторите вредат повеќе отколку фудбалерите. Освен ако е – доктор за фудбал!

Не знаевме дека маските и ракавиците се  поважни од топовите и тенковите. Тие подобро нé штитат  од непријателот.

Дали и дволичните мораат да ставаат маски? Една веќе имаат!

Од корона вирусот може да стане успешен политичар. И тој позади  себе остава пустош.

На државните функционери миењето раце не им паѓа тешко. Тие и онака од секоја неволја  што го зафаќа народот – мијат раце.

Короната потекнува од земјата од каде ми се и чевлите! Од Кина.

Во време на Милошевиќ короната не ќе можеше да влезе во Србија. Во тоа време Србија беше најизолирана земја во светот.

Васил Толевски е истакнат припадник на најновиот бран современи македонски сатиричари. Роден 1956 година, а во сатирата е присутен од 1982 година, како соработник на најголемите весници и списанија за хумор и сатира. Главен уредник за хумор во Студентски збор и еден од покренувачите на весниците Македонски остен, како и последните изданија на Остен.

Неговите афоризми се преведени на  германски, англиски, романски, полски, бугарски, италијански, шпански, словенечки и српски јазик. Дел од неговите афоризми се поставени на сајтовите во Италија, Полска, Романија, Србија, Босна и Херцеговина и САД.

Васил Толевски е прв странски автор кој е примен за член на најголемата организација на сатиричарите во Европа-БАК (Белградски Афористичарски Круг) во Србија.

Толевски е редовен учесник на традиционалните меѓународни фестивали на хумор и сатира„Сатира фест“ во Белград, како и на средбите на сатиричарите од бившите ЈУ-републики – „Денови на хуморот и сатирата во Плевља – Црна Гора. Покрај антологиската и авторска активност во областа на хумурот и сатирата, Толевски превел афоризми од балканските автори. Досега има преведено и објавено афоризми од над 170 автори од Балканот. Воедно афоризмите од македонските автори ги има преведено и  објавено во едицијата „Афоризми и афористичари“.

Неговите афоризми се објавувани во ЕТНА, Јеж, МОСОРОГ, Сатир Арт, Остен, Македонски Остен, Жикишон, Политика, Вечерни новости, НИН, Време,Тоти лист, Стршел, Елбус Лингва, Крагуевачки новини, Енигматика, Ужичка недела, Вјесник.

Настапувал на фестивалите на хумор и сатира во Белград, Шабац, Пожаревац, Ниш, Алексинац во Србија во Бјелина во Босна и Херцеговина, Плевља во Црна Гора и во повеќе градови во земјава во Скопје, Струмица, Велес, Радовиш, Делчево, Виница.

Автор е  на седум книги со афоризми и десетина антологии, панорами на афоризми и коавторски дела. Застапен во домашни и странски антологии.

За својата работа  наградуван е со над педесетина награди, од кои најзначајни му се Наградата  „13 Ноември“ на град Скопје,„ Радое Домановиќ“,„ Златен круг“ и „Златна алка“.

.Во 2012 година прогласен за најдобар сатиричар на Балканот.

 На Вечерите на македонскиот афоризам во Кочани има добиено една прва и една втора награда. Работи и живее во Скопје.