Халкбанк годинава се приклучи на глобалната иницијатива за одбележување на 2 Април – Меѓународниот ден на книгата за деца. За таа намена, банката ја креираше илустрираната приказна „Сликовницата на Халки“ која денеска и во наредните неколку дена ќе им биде подарена на неколку илјади ученици низ државата.
Станува збор за издание чија цел е да се поттикнат децата редовно да читаат книги, но и да се научат на вредности како што се заштита на животната средина, дружење во природа, прифаќање на лицата со посебни потреби и стекнување навики за штедење. Со цел да биде достапна за што е можно поголем број деца, сликовницата е издадена на македонски, албански и турски јазик.
„Ние веруваме дека пристапот до квалитетна литература е една од клучните причини за развивање навики за читање кај новите генерации. Токму затоа во време кога доминираат мобилните телефони и таблетите одлучивме на дечињата да им подариме една навистина интересна илустрирана приказна, која е создадена од домашни автори. Се надеваме дека ќе уживаат, но и ќе научат многу корисни работи додека ја читаат“, изјави Маја Наумовска Савеска од Халкбанк.
Во првата фаза, „Сликовницата на Халки“ ќе биде поделена на ученици во основните училишта во скопските општини Центар, Чаир и Карпош, како и во општина Гостивар.
„Со задоволство се приклучивме на оваа иницијатива која има навистина благородна цел, а тоа е да ги научиме нашите најмили на вистински општествени вредности преку книга. Општина Центар постојано организира активности посветени на нашите најмлади жители чија цел е да промовираме дружење во маало, ограничено користење на мобилните телефони, создавање култура на читање итн.“, истакна Саша Богдановиќ, градоначалник на Центар.
Халкбанк ја издаде сликовницата во соработка со Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“.
„Неформалното образование е можеби подеднакво важно како и формалното за правилниот интелектуален и емотивен развој на децата од школска возраст. Токму затоа со задоволство се приклучивме на оваа иницијатива на Халкбанк, иницијатива која е исклучително корисна за учениците, бидејќи не само што ќе ги збогати нивните домашни библиотеки туку ќе ги поттикне да размислуваат за особено важни теми како што се заштитата на животната средина и инклузијата на ранливите категории“, вели Софија Семенпеева Трајановска, директор на фестивалот Литера.
Како дел од оваа кампања, банката во текот на целата година ќе организира низа активности како едукативни работилници, изложби со детски цртежи, поетски читања, посветени на вредностите застапени во „Сликовницата на Халки“.