Во малото село Лука, во Чешка, една жена со години ги претворала белите фасади во нешто што денес изгледа како уметничка галерија на отворено.

Нејзиното име е Анежка Кашпаркова. Целиот работен век го поминала како земјоделска работничка, а со сликање сериозно започнала дури во пензионерските години. Кашпаркова користела мала четка и сина боја, со која рачно цртала сложени цветни и растителни мотиви инспирирани од традиционалната моравска уметност, особено од регионот Хорњачко. Не користела шаблони ниту однапред подготвени цртежи. Формите ги создавалa директно на ѕидот, следејќи ја својата фантазија.
Нејзиното најпознато дело е мала капела од XVIII век во селото. Ѕидовите на капелата периодично се варосувале, па сините орнаменти морале повторно да се насликаат. Кашпаркова го правела тоа со години, а дури и во своите деведесетти се качувала на скелиња и скали за да ја заврши работата.

Но ова не била измислена традиција само за туристите. Пред неа, други жени од селото ги украсувале белите куќи, а Кашпаркова ја презела техниката од постарата локална уметница позната како госпоѓа Мањакова. Така, со нејзината работа продолжила традиција што се пренесувала меѓу жените во заедницата.

Интересно е и тоа што Кашпаркова воопшто не се гледалa себеси како уметница. Нејзината мотивација била многу поедноставна: сакала да ѝ помогне на околината да изгледа поубаво. За својата работа не барала пари. Нејзината приказна станала позната низ светот кога фотографиите од нејзината работа почнале да се шират на интернет. Кашпаркова починала во 2018 година, на 90-годишна возраст.

Приказната не завршила таму. По нејзината смрт, Мари Јагошова ја продолжила традицијата, повторно украсувајќи ја капелата со препознатливите сини мотиви.