Со симфониски концерт насловен “Среќен ти роденден” Македонската филхармонија ќе го прослави својот 73. роденден

Со симфониски концерт насловен “Среќен ти роденден!” Македонската филхармонија на 24 ноември (20 часот) ќе го прослави својот 73. роденден.

По повод формирањето на најстарата музичка институција во земјава, во рамките на концертот ќе бидат изведени Прелудиум за оркестар бр. 2 од македонскиот композитор Панде Шахов, виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр. 1 од Карл Голдмарк, на кој како солист ќе настапи македонскиот истакнат виолинист Љубиша Кировски, како и атрактивната симфониска поема “Американец во Париз” од Џорџ Гершвин.

“Прелудиум бр. 2” на Шахов е напишан во 2004 година, на поттик од диригентот Борјан Цанев, специјално за концертот на Софиската филхармонија во јануари 2005 година. Втор е од серијата четири прелудиуми, кои може да се изведат поединечно или како циклус. И, ова е прво оркестарско дело на Шахов во кое мелодискиот и ритмичкиот материјал е директно инспириран од фолклорот.

Концертот за виолина и оркестар бр. 1 оп. 28 од унгарскиот композитор Карл Голдмарк е создаден во 1877 година, а премиерно бил изведен истата година во Бремен. Подоцна, Голдмарк напишал и втор концерт за виолина, но тој никогаш не бил објавен, бидејќи се верува дека е изгубен. Станува збор за мошне романтично дело кое почнува со унгарски марш и пасажи кои потсетуваат на естетиката на Дворжак и Менделсон во вториот и третиот став. Често е сместен на репертоарот на врвните виолинисти, меѓу кои и во програмата на Џошуа Бел.
Симфониска поема “Американец во Париз” (1928), пак, е опишана како симфонизирана џез-музика. Додека ја создавал, Гершвин се инспирирал од преубавиот Париз додека престојувал во него извесно време. Завршена е само четири недели пред премиерата во прочуената “Карнеги хол# во Њујорк, во изведба на Њујоршката филхармонија под диригентство на Волтер Дамрош.

На концертот ќе му претходи кус ретроспективен осврт на историјатот на Македонската филхармонија на музикологот Марко Коловски, а ќе биде најавена и скорешната изложба на фотографии “Маестро#, посветена на најзначајните диригенти на Македонската филхармонија. Спонзор на првата едиција “Маестро” е “Арс ламина".