Со сигнален пиштол ограбил две канцеларии за брзи кредити во Скопје

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице кое се товари дека извршило две кривични дела – Разбојништво од член 237 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот, на 5 август, влегол во просториите на финансиското друштво „М КЕШ“ во трговскиот центар „Палома Бјанка“ и со звучно-сигнален пиштол марка „Екол“ и се заканил на вработената. Потоа се упатил зад работното биро и од фиока го одзел дневниот промет од 21.400 денари, па го напуштил местото.

На 8 август, на сличен начин влегол во просториите на финансиското друштво „Тиго Фајнанс“ на улица „Ѓорче Петров“, го извадил сигналниот пиштол, го репетирал и се заканил на две вработени кои во моментот биле во објектот. Притоа одзел 242.600 денари со намера противправно да ги присвои.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и Предлог за продолжување на мерката притвор против обвинетиот, со оглед на тоа што и натаму постои опасност од бегство и можност тој да го повтори кривичното дело.