
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски најавува промени во сообраќајот и јавниот превоз.
Една од најавените промени е легализирање на пешачкиот премин кај Бит Пазар, каде што наскоро треба да бидат поставени соодветна сигнализација и семафори. Одговарајќи на советничко прашање, тој информираше дека на местото на нелегалниот премин ќе биде обележан пешачки премин, а ќе бидат поставени и семафори со цел да се зголеми безбедноста на пешаците.
Во однос на јавниот превоз, Ѓорѓиевски потврди дека бил потпишан договор за набавка на 100 електрични автобуси, а првите возила се очекува да пристигнат до крајот на годинава.
„Наши тимови, со тим од Министерството за транспорт, работат во Автокоманда и во Ѓорче Петров, каде што ќе бидат поставени полначите, за да не се губи време“, истакна градоначалникот.
Воедно најави дека во текот на наредната недела ќе биде распишан и тендерот за БРТ-системот, преку кој се планира набавка на дополнителни 40 еколошки автобуси.