Со протестен музички собир утре ќе се брани МКЦ

Градоначалничката Данела Арсовска реши да го смени директорот на Младинскиот културен центар (МКЦ), Ванчо Богоев и на негово место да назначи дипломиран детектив, а тоа предизвика бурни реакции во јавноста.

Утре од 12 до 16 часот со протестен музички собир ќе се брани МКЦ, а се очекува да настапат десетина групи и пејачи.

Организатор на протестот е музичкиот колектив „Гола планина“, кој објави дека е против политизирање на културната институција.

- Борбата е за квалитетни услови на уметничка креација која не спаѓа во ексклузивно популарната сфера, за градските институции да не си играат со уметниците и оние кои го овозможуваат нејзиниот процут, бидејќи инаку ќе згасне младата уметничка експресија. Се бориме за сите оние фестивали и концерти во МКЦ кои се случиле во последниве 50 години и сите оние кои сакаме да се случуваат во иднината. Се бориме за сите спомени (остварени и сѐ уште неостварени), за минатото и за иднината. Срамота е да се скрати буџетот на МКЦ за 92%. Срамота е форсираното политизирање на една од најлегитимните и најработливите културни установи во Македонија. Срамота е постојаниот обид за угнетување на оние кои уживаат во правење и восприемање на уметност различна од популарната, посебно на младите кои се борат за трошките, вели организаторот.