Со претставата „Одисеј“ на Горан Стефановски се спушта завесата на Охридско лето

Театарската претстава „Одисеј“ на Горан Стефановски вечерва на Античкиот театар со почеток во 21 часот ќе го означи крајот на годинешното 59. издание на фестивалот Охридско лето. Се работи за копродукциски проект на театрите „Гавела“ од Загреб, „Улисис“ од Бриони, Српскиот народен театар од Нови Сад, „Драма“ од Марибор, „Ателје 212“ од Белград, Стериин театар и Театар „Навигатор“ од Скопје.

Како што истакна на денешната завршна прес-конференција селекторот на драмската програма на фестивалот Охридско лето, Александар Поповски, кој воедно е и режисер на претставата „Одисеј“, да се донесе оваа претстава и да се соберат овие луѓе беше како да се состави мозаик на камчиња, слики што пред 5-6 години се растуриле по светот.

„Овие луѓе патуваат, играат, настапуваат насекаде во светот и воопшто не е едноставно да ги соберете на едно место. Желба ми беше заради Горан, оваа претстава да ја играме во Охрид и тука на своевиден начин тој да ја најде својата Итака. Не се надевав дека ќе успеам во тоа, но одговорот на сите уметници на кои им се обратив беше фасцинантен, сите тие откажаа и снимања и патувања да се соберат тука и да ја одиграме оваа претстава. Тоа за мене се работи што кажуваат дека вреди што се занимавам со оваа професија“, рече Поповски.

Процесот на создавање на претставата врз сите што се дел во неа оставил трага како во нивните животи така и врз нивниот професионален ангажман, смета српскиот актер Светозар Цветковиќ, кој ја игра улогата на богот Зевс.

Загрепскиот актер Озрен Грабариќ публиката вечерва ќе го види во главната улогата на Одисеј.

„Во текстот на Горан има една реченицата: ‘Итака никогаш не била цел за себе, туку целта било самото патување’. Затоа ми се чини логично и убаво и Горан и ‘Одисеј’ и оваа дива хорда да продолжи да патува и понатаму. Верувам дека и во иднина ќе има такви излети“, порача Грабариќ.

Актерот Никола Ристановски во претставата „Одисеј“ ја толкува улогата на пејачот Тиресиј. Како што рече, особено му е мило што по седум години оваа претстава стигна во Македонија, што за него претставува своевидна симболика на затворање еден циклус, тема што зборува за враќањето на еден човек дома.

„Во таа смисла недвојбено Горан Стефановски е најважниот дел од целата таа приказна. Физички и метафизички Горан е меѓу нас тука и сето тоа што би имал да го кажам на оваа тема тоа го кажува самата претстава, а на публиката оставам да ги донесе сите други заклучоци, впечатоци, доживувања“, додаде Ристановски на денешната прес-конференција.

Целокупната драмска програма во рамките на годинешното издание на фестивалот Охридско лето беше посветена на големиот драмски писател Горан Стефановски, кој почина во ноември минатата година, но остави силен печат врз македонската драма.