Со поглед кон таванот и молк - Драматично почна судењето против серискиот убиец од кумановско

Со поглед кон таванот и смеење, обвинетиот за серија убиства во Старо Нагоричане, не му одговара на судијата ниту дали се вика Трајче Бојковски. Со драматична атмосфера започна судскиот процес во Основниот кривичен суд во Куманово против 25-годишниот Трајко Бојковски, обвинет за четири убиства и два обиди за убиство на повозрасни жени во кумановскиот регион, известува Слободен печат.

Судењето беше прекинато уште на самиот почеток, откако обвинетиот не одговараше ниту на основните прашања на судијата, па дури ни дали се вика Трајко Бојковски.

Со фиксиран поглед кон таванот и без никаква комуникација со судот, тој остана неподвижен, поради што судијата одреди десетминутна пауза за да се утврди дали постојат услови постапката да продолжи.

Во судницата присуствуваа членови на семејствата на жртвите, кои во еден момент довикуваа дека обвинетиот „се преправа“. По паузата, Бојковски ја спушти главата, ги стави дланките на слепоочниците и повторно не изговори ниту еден збор.

Според обвинението на Основното јавно обвинителство Куманово, Бојковски се товари дека од јануари 2025 до февруари 2026 година извршил четири убиства и два обиди за убиство врз повозрасни жени во селата Клечовце, Драгоманце, Старо Нагоричане и Челопек.

Обвинителството наведува дека психијатриските вештачења покажале дека делата биле извршувани од ниски побуди, односно со намера да ги задоволи своите полови страсти кон телата на жртвите по нивната смрт.

За кривичните дела што му се ставаат на товар, на обвинетиот му се заканува казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор, известува Слободен Печат.мк. 

Фото: „Слободен печат“ Мирослава Симоновска