Со подобро здравје до подобар секс

Постојано слушаме и читаме дека за подобар сексуален живот потребно е да имаме жешка предигра, да купуваме секси долна облека, да владееме техники за заведување и т.н. Па, честопати го игнорираме очигледното – за добар сексуален живот треба да се чувствуваме добро во своето тело.

Ако не се чувствувате убаво во своето тело и немате енергија, ниту сексапилната долна облека, ниту најсензуалната предигра нема да ви помогне да внесете повеќе страст во односите со партнерот.

Затоа, не ги игнорирајте следните совети, кои иако на сите им изгледаат познати, многу малку се тие што ги применуваат.

Хранете се правилно

Лошиот начин на исхрана може да влијае негативно на сексуалниот живот на многу различни начини. Консумирањето на калорична брза храна придонесува за моментално намалување на енергијата, прави да се чувствувате подуени и поспани, а неретко се случува да предизвика и појава на киселини.

На долгорочен план, лошата исхрана го намалува имунитетот и ја зголемува склоноста кон појава на болести. И намалениот имунитет и болестите се големи непријатели на либидото.

Како да си помогнете? Хранете се балансирано. Во вашата диета не треба да недостигаат најважните хранливи материи како протеини или јаглехидрати. Консумирајте повеќе овошје и зеленчуци за да ги надоместите потребните витамини и минерали во телото. Заборавете на газираните сокови кои ви го дујат стомакот. Исклучете го алкохолот од вашето секојдневие, затоа што кога е консумиран во поголеми количини ја убива желбата за секс. И на крајот, добро е да консумирате повеќе храна којашто делува како афродизијак.

Бидете физички активни

Непрактикувањето на физичка активност не само што влијае негативно на вашиот изглед, туку и прави да се чувствувате мрзеливо, без енергија и ве остава со намалена самодоверба.

Физичката активност докажано ја зголемува желбата за секс, ја зголемува способноста за достигнување на оргазам и поголемо сексуално задоволство, а плус тоа има и дејство слично на вијагра.

Истражувањата покажале дека редовното вежбање има позитивен ефект врз некои од честите сексуални проблеми, како проблеми со ерекцијата кај мажите или пак намалено либидо и кај мажите и кај жените. Американско истражување покажало дека физички активните жени кои гледале еротски филм имале за 169% поголем поток на крв во гениталиите, во споредба со неактивните жени кои го гледале истиот филм.

Како да си помогнете? Барем 20-30 минути дневно бидете активни, без разлика дали сте дома, во фитнес сала или во природа. Уште подобар совет е да ги правите Кегеловите вежби. Тие ја подобруваат циркулацијата на крвта низ телото и ги зацврстуваат карличните мускули.

Спијте доволно и квалитетно

Луѓето кои спијат помалку од 6 часа дневно полесно се иритираат, чувствуваат лутина, тага, повеќе стрес, а освен тоа имаат и помала енергија. Покрај тоа што недостатокот на добар сон нè прави премногу уморни за сексуални активности, тој ја намалува и желбата за иницирање на секс.

Недостатокот на сон може не само да го уништи вашиот сексуален живот, туку и вашата врска.

Како да си помогнете? Вратете си ја енергијата со минималните 7 часа добар сон. Спијте во темна и тивка соба за да му овозможите на телото да потоне во длабок сон. Избегнувајте ги кофеинот и алкохолот во доцните вечерни часови.

Релаксирајте се

Колку и да вежбате, да се храните здраво и да сте наспани, ако не можете да ги извадите од главата проблемите со шефот или пак финансиските проблеми, нема да можете целосно да уживате со сексот.

Мозокот е многу важен орган кога станува збор за сексот. Таму се раѓа самодовербата, среќата, задоволството и желбата за секс. Затоа, треба да го ослободите од стресот и проблемите.

Како да си помогнете? Бидете организирани и поставувајте им приоритети на секојдневните обврски. Дел од обврските поделете ги со партнерот. Најдете време за топла бања, прошетка во природа, добра музика, јога или што и да е друго што ве релаксира. Сфатете ја таа активност како начин да се исклучите од работата и да се префрлите на сензуална фреквенција.. Кога ќе ја отворите вратата од спалната, заборавете што ви создаваше главоболки во текот на денот и препуштете се целосно во прегратките на партнерот.