Топлите летни денови тешко се поднесуваат, посебно кога треба да излеземе од нашите домови каде најчесто се разладуваме со клима и мораме да издржиме по сонцето за да завршиме некоја обврска затоа најчесто бираме кратки и лесни комбинации. Но, дали го почитуваме дрес кодот на работните места и кога одиме да завршиме некоја работа во јавна институција?

-Гледам и се чудам како може некои луѓе во јавни установи да влегуваат со папучи и кратки шорцеви, како да тркнале до кај комшијата на кафе. Ако веќе влагаш во некоја институција и очекуваш да си ја завршиш работата по која си тргнал треба да внимаваш што ќе облечеш, пред се тоа е почит, а и од друга страна вие оставате сосема поинаков впечаток за тоа како сте се облекле, вели Сандра.

-Се додека не се казнува, нема ни да се почитува дрес код. За мене е крајно некултурно студенти на факултет да дојдат во тренерки, а ги има многу. Точно е дека има и многу асистенти и професори што не внимаваат, ама баш од таквото размислување демек он не се гледа, па јас ќе мислам, секој се носи како сака, каде стигне, вали  Бојана.

-Најчудно ми е кога ќе почнат да мешаат дневна и вечерна гардероба. Жениве на работа си носат се што ќе им падне на памет од чипка, сатени, чуда. Или се иде од крајност во крајност. Постојат и такви кои доѓаат буквално како од кревет станати, што е крајно непочитување на средината во која работиш и оние со кои работиш, до такви кои доаѓаат како за на свадба, обајснува Верица.

-Точно е дека облеката не го прави човекот, но според мене избирањето на соодветна гаредроба за приликата и местото ја отсликува културата на личноста. Конкретно ако зборуваме за дрес кодот на работните места, во глобала мислам дека кај нас не се почитува, освен кај поголемите компании и банки, каде се посветува поголемо внимание. Не можеш на работа во банка да одиш по фармерки или со мини здолниште и длабоко деколте. Тоа како прво ја отсликува твојата несериозност, а потоа дава лоша слика за работното место. И не мора да е сериозна компанија, и како келнер да работиш мора да си соодветно облечен, вели Николина.