Со овации отворен споменикот „Двоглав орел“

Со традиционални ора, тапани и присуство на голем број граѓани, меѓу кои и врвот на ДУИ, денеска во Топанско Поле беше официјално откриен споменикот „Двоглав орел“. Во обраќањето пред граѓаните, лидерот на ДУИ, Али Ахмети посочи дека споменикот е симбол на паднатите борци во Танушевци во 2001 година, а се поставува и по повод одбележување на 15 – годишнината од почетокот на војната на (ОНА) во Танушевци.

- Албанците се горди дека во најстариот дел во Скопје го имаат Скендербег, Хасан Приштина, Иса Болетини, универзитетот Мајка Тереза и овој споменик на двоглав орел. Има ли подобар начин да одбележи овој ден, рече Ахмети.

Градоначалникот на Чаир – Иџет Меџити, тврди дека споменикот е поставен согласно законот.

„Споменикот е поставен на законски начин, затоа што се поставува во општина Чаир, од надлежна институција, почитувајќи ја и повикувајќи се на одлуката на Советот на општина Чаир од 2012 година, кога е донесена одлуката за поставувањето на спомениците. Од Градот Скопје нема соопштение. Се сретнавме со градоначалникот на градот, разговаравме, побаравме информации за процедурата, но не со намера да направиме нешто лошо.“ изјави Меџити во гостување на ТВ 21.

Од друга страна, од Град Скопје велат дека споменикот е непрописно поставен, упатувајќи барање до Државниот градежен инспекторат да го отстрани од локацијата. Од Инспекторатот, пак, на општинарите од Чаир им дадоа рок од 3 денови да одговорат дали одлуката за поставување на споменикот ја има донесено Советот и кога.