СО НОВИОТ ЗАКОН ЗА ДАНОК НА ДОХОД: Данок од 15% за каматите на штедните влогови, дивидендите, добивките на лото

Покрај прогресивна даночна стапка, која за месечните приходи до 90.000 денари останува 10, а за секој денар над таа сума се зголемува на 18 проценти, која е веќе објавена, со Предлогот на законот за личен доход се зголемува и стапката за оданочување на каматите на штедните влогови, дивидендите, игрите на среќа…

Така, ако сега дивидендите и добивките од игрите на среќа се оданочуваат со 10 проценти, од 1 јануари следната година, кога се планира овој закон да почне да се применува, стапката се зголемува на 15 проценти. Истата даночна стапка е предвидена и за каматите на штедните влогови, но со одложена примена, од 2020 година.

На каматите од депозити, вклучувајќи ги трансакциските, штедните и другите депозити, како и на каматите од хартии од вредност граѓаните ќе плаќаат данок на доход по стапка од 15 отсто, ако на годишно ниво тие надминуваат 15.000 денари.

Конкретно, како што се појаснува во Предлогот на законот, единствената стапка од 15 проценти е предвидена за доходот од права од индустриска сопственост, од закуп и подзакуп, од капитал, за капиталните добивки, добивките од игри на среќа, доходот од осигурување и за друг доход. Значи, ги опфаќа и дивидендите, каматите од депозитите, каматите од заеми на физички и правни лица, каматите од хартии од вредност и друг доход од хартии од вредност.
Инаку, од содржината на Предлог-законот, објавен на ЕНЕР, се гледа дека освен месечниот праг од 90.000 денари, предвиден е и годишен праг за примена на прогресивна даночна стапка. Со 10 проценти се оданочуваат годишните приходи до 1.080.000 денари, а со 18 проценти делот над таа сума.

– Предмет на оданочување се следните видови на доход остварени во земјата и во странство: доход од работа;
доход од самостојна дејност; доход од авторски и сродни права; доход од продажба на сопствени земјоделски производи; доход од права од индустриска сопственост; доход од закуп и подзакуп; доход од капитал; капитални добивки; добивки од игри на среќа; доход од осигурување и друг доход. На оданочување подлежи доходот од став (1) на овој член што е остварен во пари, во хартии од вредност, во натура, или во некој друг вид, стои во предлогот на законот.

Предивдено е данокот да се плаќа и на приходите остварени во странство, а обврска да го плаќаат имаат и трговци -поединци, како и физички лица кои се занимаваат со земјоделска дејност или занаетчиска дејност и лица кое вршат услуги или слободно занимање. како и оние кои остваруваат прихопди од непријавена дејност.

Како доход од работа се смета не само платата, туку и сите надоместоци, вклучувајќи ги и бонусите, премиите, К-15…

Под доход од самостојна дејност, пак, се смета доходот остварен од стопанска дејност, од давање професионални и други интелектуални услуги, од земјоделска дејност и од други дејности чија крајна цел е остварување на доход. Како доход од стопанска дејност се дефинира доходот од производна, услужна, трговска, угостителска, превозничка и друга слична дејност, под доход од професионални и други интелектуални услуги се подразбира доходот од здравствена, стоматолошка, ветеринарна, адвокатска, нотарска, консултанска, сметководствена, ревизорска, проценителска, инженерска, архитектонска, новинарска, спортска, културна и друга интелектуална дејност, а доход од земјоделска дејност е доходот од производство, доработка, преработка и пласман на сопствени земјоделски производи, како и одгледување на добиток и други стопанско-корисни животни и пласман на нивните производи.

Овој предложен закон предизвика жестоки реакции кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а како што вчера потсети Стопанската комора на Македонија, неодамна сите комори во државата заедно побараа примената на прогресивното оданочување да се одложи за пет години. Затекнати со ненадејната презентација на даночната реформа викендов, тие забележаа дека не е во ред вакво нешто да се објавува само 60 дена пред донесувањето, но најавија дека конечниот став ќе го објават денеска, откако претходно ќе направат консултации.

Како што веќе информира министерот за финансии Драган Тевдовски, со овој закон треба да се задоволи социјалната правда, зашто Македонија е на прво место во Европа по социјалната нееднаквост. Со овој даночен рез се очекува да се обезбедат дополнителни 25 милиони евра, кои ќе се користат за борба против сиромаштијата