Со народните пари за митинзи, спотови, билборди може да се решат 240 станбени прашања

На пет дена до првиот круг од изборите, дел од граѓаните на социјалните мрежи реагираат дека се „презаситени“ од политика на сите страни. 

„Улиците, парковите, секоја јавна површина ни е окупирана од билборди, плакати со ликови од политичари кои по дождот направија ѓубре...Секое паркче е завземено од партиски собири на кои се пушта музика и викаат политичари“, реагираат граѓаните на социјалните мрежи. 

„Така се секое предизборие кај нас. Барем се интересни дебатите на ТВ кога „се препукуваат“ и обвинуваат меѓусебно“, коментира еден граѓанин. 

„Според мене нема потреба од промотивен материјал. Навистина на граѓаните не им значи ништо мајца со логото од политичката партија или ликот од градоначалничкиот кандидат, ниту пенкала и запалки ни требаат. Не ни треба перење мозок, ни треба нормален живот“, пишува друга граѓанка. 

Еден твитерџија понуди интересен предлог во однос на изборните кампањи.

„Сметам дека изборните камапањи треба да се сведат само на јавни дебати и презентација на програми. Не митинзи, не спотови, не билбори, особено не со наши, народни пари. 3,6М евра за избори=1 зграда од 60 станаХ60м2, по еден стан за 4 члено семејство=240 решени станбени прашања„ - гласи неговиот твит.