Со монтажен паркинг ќе се решава проблемот на пешаците во Дебар Маало

Општина Центар го поздравува протестот што вчера го одржаа граѓаните на Дебар Маало, кои побараа заштита на пешаците и ослободување на тротоарите од возила. Сметаат дека барањата се целосно оправдани и најавија дека ќе се посветат на решавање на овој проблем.

- Како прв приоритет е обезбедување простор за паркинг на повеќе возила во Дебар Маало, за што веќе е најдено решение. Наскоро ќе биде поставен монтажен паркинг меѓу општината и Министерството за одбрана, со влез и излез од улицата „Орце Николов“. Паркингот ќе обезбеди место за 270 до 290 возила. Ваквото решение е првиот чекор кон пренасочување на паркирањето и ослободување на тротоарите, соопшти општина Центар.

Пред да се постават заштитни столпчиња на сите улици и да се поврзат во целосна пешачка мрежа, општина Центар информира дека ќе се изработи студија за мерење на сообраќајот и проекција за потребниот паркинг простор за резидентите. Од оваа студија ќе се подготви решение за целиот кварт. За конечна имплементација на решението, како што се наведува, ќе биде потребно заедничко делување на повеќе институции со различни надлежности.

Општина Центар соопшти дека ќе иницира формирање на координативно тело со претставници од сите надлежни институции. Во ова тело ќе бидат повикани претставници на Град Скопје, Министерството за внатрешни работи и ЈП Паркинзи на општина Центар и ќе се изработи план за имплементација на решението. Граѓаните ќе можат да учествуваат во ова тело и да даваат сугестии во фаза на изработка на решението.