Со лажни страници на познати личности и брендови - низа нови измами преку Фејсбук

Со користење на имињата и фотографиите на познати брендови и личности, измамниците повторно целат кон податоците на популацијата. 

Со отворање лажни профили и Фејсбук страници, непознати лица организираат непостоечки наградни игри, во кои корисниците треба да искоментираат одредени нешта, на пример првата буква од името или точен збор кој тие го бараат, за да можат да учествуваат. 

Сите се сеќаваме на „Го сакам КАМ во поштенско сандаче“ и иако обидите за измама се повторуваат на секои неколку месеци, голем дел луѓе и понатаму „паѓаат“ на вакви измами и ги споделуваат своите лични податоци со непознати лица. 

Овојпат можевме да пронајдеме злоупотреба на Шпаркасе и на ДМ дрогерии, но и на првата дама, Елизабета Ѓоргиевска. Страниците кои се креирани пред само неколку часа веќе имаат илјадници фанови, а објавите се споделувани и коментирани до загрижувачки степен. 

Иако брендовите се оградуваат од ваквата злоупотреба, сепак поигрувањето со наивноста на луѓето и понатаму продолжува. 

Препознавањето на измамниците е тешко, бидејќи тие бесрамно ги користат логото и името на заштитените трговски марки, со што се создава лажно чувство на доверба кај граѓаните кои не знаат самите да проценат дали се работи за реална објава или за страница со сомнителни намери. 

Најлесно се препознава по унифицираниот начин на пишување на објавите и евидентните правописни и печатни грешки, но и покрај тоа, голем број луѓе, едноставно, ги превидуваат грешките и одлучуваат да ги споделат своите податоци.