Со концертот „Рок симфонија“ на плоштад Македонија се затвора „Скопско лето“

Концертот „Рок симфонија“ на 31 јули, в недела на плоштад „Македонија“ ќе одржи концерт со кој ќе се затвори годинашното Скопско лето.

„Рок симфонија“ е насловот на проектот и серијалот летни концерти кои Камерниот оркестар на Битола ќе ги одржи во неколку македонски градови. Камерниот оркестар е основан пред неколку децении и со неколку прекини егзистира до денес. Во почетоците бил составен од група ентузијасти (најчесто со мала музичка наобразба или без неа) но нивниот ентузијазам бил толку голем што за тоа време и во тие услови направиле одлични концерти. Денес Камерниот oркестар има музичари кои дипломирале, а некои и магистрирале на својот инструмент.

Зад себе имаат многу успешни концерти низ државата, учество на сите реномирани фестивали за класична музика и соработка со врвни солисти и диригенти од државата и странство како: Алесандрo Д’Агостини, Анатолиј Крстев, Борис Спасов, Иван Кожухаров, Саша Николовски – Ѓумар, Сашо Татарчевски, Бисера Чадловска , Ле Фи Фи и др.

На репертоарот на Камерниот oркестар на Битола се наоѓаат дела од сите епохи – од раниот барок па седо современа класична и популарна музика.

Покрај хорот и оркестарот на коцертите во рамки на летната турнеја, со Битолскиот камерен оркестар ќе настапат солистите Михајло Трајковски, Жарко Јакимоски и Петар Христов.