Со какви санкции ќе се соочи наставникот кој тепаше ученик во скопски Бутел?

Денеска дисциплинската комисија ќе одлучува како ќе постапи за односот каде наставникот удира седмооделенец, па го крева и спушта на земја пред целото одделение во О.У „Панајот Гиновски“ во населба Бутел. Видео од настанот беше обелоденето во петокот.

Случајот е пријавен во МВР каде беа сослушувани лица поврзани со инцидентот, а известен е и Јавниот обвинител и државниот просветен инспекторат од каде што инспектори исто така ќе постапуваат. 

Во полициската станица Чаир, каде е поднесено е писмено известување во врска со видеото, велат дека биле повикани на разговор сите лица инволвирани во случајот. 

За случајот реагираше и новиот градоначалник на Бутел, Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Малтретирање и изживување со децата не само што не е дозволиво, туку треба најстрого да биде казнето. Директорката на училиштето и МОН да покренат постапка за отказ на наставникот, а МВР и ЈО да отворат кривична постапка. На насилниците не им е местото во училиштата, напиша Костовски. 

Согласно Законот за основно образование секој вработен во училиштето е должен да се грижи за најдобриот интерес на ученикот и да го почитува неговото достоинството, како и Конвенцијата за правата на детето. Забрането е телесно, психичко и сексуално малтретирање и казнување на ученикот и понижувачко однесување и постапување кон него. 

Во членот 143 од Кривичниот законик се вели дека тој што во вршењето на службата малтретира друг, го застрашува, го навредува или воопшто спрема него постапува на начин со кој се понижува човечкото достоинство и човековата личност, треба да се казни со затвор од една до пет години.