Со измени на Законот за заштита на потрошувачи се ограничуваат високите трошоци на брзите кредити

Измените и дополнувањата на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити со кој се ограничуваат високите трошоци за брзите кредити денеска е на комисиска расправа во Собранието на РМ.

Со законските измени, што ги изготви Министерството за финансии, вкупните годишни трошоци за потрошувачки кредити се ограничуваат на пет пати од затезната камата или 55 отсто од кредитот во моментот. Претходно, годишните трошоци не беа ограничени и можеа да достигнат и до 500 отсто од кредитот. Со измените се опфаќаат вклучително и мали кредити под 200 евра, кои претходно не беа законски опфатени.

Согласно постојните законски прописи, трошоците кои кредиторите ги пресметуваат и наплатуваат за одобрените потрошувачки кредити како провизии, надместоци и сл., кои се вклучуваат во определувањето на годишната стапка на вкупни трошоци, не се ограничени. Тоа им дава можност на кредиторите да пресметуваат високи надоместоци и провизии при одобрувањето на потрошувачки кредити. Ваквата состојба е особено изразена кај договорите за кредит на мали износи и со кратки рокови на враќање. На тој начин, голем број од граѓаните како кредитокорисници имаат потешкотии при отплата на кредитот, при што најчесто се принудени да земат нов кредит за покривање на претходниот – рече министерот за финансии Драган Тевдовски на Комисијата за финансирање и буџет.

Како што посочи, од таа причина се предлагаат измени и дополнувања на Законот за да се ограничи годишната стапка на вкупни трошоци на потрошувачките кредити.

Според министерот со оваа измена ќе се ограничат вкупните трошоци, односно провизии, надоместоци и сл., што ги плаќаат граѓаните и ќе се минимизира ризикот од понатамошно влошување на финансиската состојба на граѓаните кои имаат проблеми со отплата на кредитот.