Со изградбата на улица Есенинова жителите на Кисела Вода, Аеродром и Центар ќе заштедат време

Улицата Есенинова со која се поврзауваат булеварите Борис Трајковски (Првомајска) и Трета македонска бригада ќе биде готова за 20 дена.

– Оваа улица е од огромно значење за жителите на Кисела Вода, Аеродром и Центар, заради фактот што оваа улица ќе претставува трето поврзување на урбаните делови на Аеродром и Кисела Вода. Знаеме дека бул. Трета македонска бригада во Аеродром со должина од 2,5 километри имаше само 2 поврзувања со Кисела Вода, едното преку бул. Србија со бул. Борис Трајковски, а второто како познато тесно грло, кај Тутунски комбинат, кое воедно претставуваше поврзување на Аеродром и со Кисела Вода и со Центар, рече вчера на прес-конференција Петре Шилегов.

– Со изградбата на Есенинова ова т.н. тесно грло во сообраќајот ќе го растовариме на начин што ќе го скратиме кружењето околу Тутунски, кое во периодите на најголемиот сообраќаен метеж трае од 5 до 10 минути. Ова ќе го почувствуваат и граѓаните кои патуваат по правецот од Континентал во Гази Баба до Рампа и Чешма во Кисела Вода, кои избегнувајќи го тесното грло кај Тутунски кружеа или преку бул. Србија во Аеродром или преку бул. Крсте Мисирков и Кочо Рацин во Центар. Така на пример од Чешма до Континентал ако досега се патувало 3 км преку Центар или 8 км преку Аеродром, сега преку трасата Есенинова – Никола Карев – Беласица ќе се патува само 2 километри, изразено во време тоа на граѓаните им заштедува од 10 до 15 минути, нагласи Шилегов.