Со „Исцелител“ почнува неофицијалниот дел на „Киненова“

Денеска почнува неофицијалниот дел на програмата на „Киненова“. Вечерва ќе има проекција на македонскиот филм „Исцелител“ во режија на Ѓорче Ставрески. Проекцијата на филмот е во 18 часот во кино „Фросина“ МКЦ. Цената на билетот е 100 денари.

Годинава, третото издание на „Киненова“ ќе има посебен фокус на норвешките остварувања, кои се вистински предизвик за сите нас. Со филмот „Утоја – 22 јули“ на Ерик Попе ќе биде отворено годинашното фестивалско издание.

В среда (3.10), во кино „Фросина“, во 20 часот ќе биде прикажан „Изборот на кралот“ во режија на Ерик Попе.

„Изборот на кралот“ е базиран врз вистинската приказна за трите драматични денови во април 1940 кога на кралот на Норвешка му е даден незамислив ултиматум од германските воени сили: Да се предаде или да умре! Кога германските воздушни сили и војниците почнуваат да ги ловат, кралското семејство е принудено да избега од главниот град. Тие одлучуваат да се поделат, без да знаат дали повторно ќе се видат. Крунисаната принцеза Марта ја напушта Норвешка со децата, обидувајќи се да најде азил во Шведска, додека кралот Хакон и крунисаниот принц Олав остануваат да се борат со Германците. По три дена очајно обидувајќи се да избегаат, кралот Хакон ја донесува својата финална одлука. Тој одбива да капитулира, иако тоа може да го чини неговиот живот, животот на неговото семејство и животите на многуте Норвежани.