Со графит до подигнување на свеста кај младите за важноста на интегритетот во борбата против корупцијата

Нов графит „Интегритет“ на уметникот Давид Ристевски, на кејот на реката Вардар, во центарот на Скопје, треба да испрати порака за подигнување на свеста и кај младите, за важноста на јакнењето на интегритетот на институциите, во борбата против корупцијата и слободниот пристап до информации од јавен карактер.

Активноста е во рамки на кампањата за интегритет, која се спроведува како дел од проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација на Република Северна Македонија“, финансиран од Европската Унија, а кој го спроведуваат Државната комисија за спречување на корупцијата и Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Членот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Владимир Георгиев, по тој повод, порача дека е неопходо постојано јакнење на интегритетот – индивидуалниот и институционалниот, особено преку градење на општествена култура во која интегритетот ќе го има централното место.

– Граѓаните може да придонесат во оваа борба, особено преку пријавување на сомнежи за корупција, но и преку тоа што ќе ги држат институциите одговорни за својата работа, преку барање за нивна отчетност и транспарентност, изјави Георгиев.

Директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Пламенка Бојчевска, пак порача, дека кампањата за интегритет има за цел јакнење на свеста на граѓаните за нивните уставни и законски права.

– Користејќи го правото на пристап до информации од јавен карактер, граѓаните ја поттикнуваат транспарентноста и отвореноста на имателите на информации, односно на сите јавни институции. Преку градење на свеста на граѓаните и интегритетот, како еден од столбовите на кои што се заснова уставноста и законитоста на државата, значи ја градиме и борбата против корупцијата и основите на едно современо, демократско општество, изјави Бојчевска.

Направете ја вистинската работа и кога никој не гледа, порача за крај Бојчевска, нагласувајќи дека тоа се вика интегритет.